Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европски филмски приказни на Киненова: Работилница под менторство на Лех Мајевски со 6 млади автори

Под менторство на Лех Мајевски, кој е и член на меѓународното жири на 8. издание на МФФ Киненова денеска во ЕУ Хаус се одржа работилница под наслов „Европски филмски приказни“ со 6 млади филмски автори од европските земји.

Проектот е реализиран со поддршка на Европската Унија и Амбасадата на Полска во Скопје и овозможува професионално менторство на филмските сценарија на македонските и европските филмски автори од страна на потврдениот и признат европски сценарист, режисер, директор на фотографија и продуцент Лех Мајевски.

-Прво правило за пишување сценарио не навестувај што ќе се случи, го уништуваш изненадувањето. Намести ја ситуацијата и оди, тоа е доволно. Ова е кино, не треба многу да се објаснува, вежбајте да ги опишете ликовите на најкраток можен начин. Вие ја гледате личноста, но читателот не ја гледа, значи треба да најдете начин да му ја опишете најефектно што може. Читателите ги забораваат имињата, не користете имиња, тие се апстрактни, користете надимаци. Филмот е конкретен, на пример човекот запалил цигара…нема само да го кажете тоа, покажете каква цигара со акција, не со зборови. Кога опишувате лутина, нека скрши нешто, нека се покаже дека е лут, значи акција, не зборови. Не користете дијалог, туку лица. Најдобрите кадри се оние каде нема дијалог, рече Мајевски.

Главната цел на работилницата е да го подобри и дополни образовниот процес на младите филмски професионалци од европските земји, давајќи им можности за добро вмрежување и заедничка работа за градење нови начини за нивните идни професионални кариери.

– Кога ги критикувам сценаријата не сакам да ги навредам авторите, туку да ги протресам, нив им треба малку отрезнување. Кога работев во САД, видов дека сите сакаат да пишуваат сценарија и затоа сметам дека треба да се посочи на недостатоците, раскажа Мајевски.

Паралелната цел на оваа работилница е да се создаде можност овие млади европски филмски автори да изградат однос на доверба меѓу себе, ширејќи го подоцна истиот тој пристап низ нивните локални заедници, преку надминување на сите предрасуди во однос на национални, верски, сексуални или каков било вид друго различно определување.

Зачлени се на нашиот е-билтен