Европската Унија може да помогне во безбедноста на Гренланд доколку Данска го побара тоа, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус, предупредувајќи дека американската воена окупација на најголемиот остров во светот би значела крај на НАТО.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД мора да го поседуваат Гренланд за да ги спречат Русија или Кина да ја окупираат стратешки важната и богата со минерали автономна територија Данска, Кубилиус рече дека потегот на Вашингтон би имал „многу длабоко негативно влијание врз трансатлантските односи“.
„Се согласувам со данската премиерка (Мете Фредериксен) дека тоа би бил крај на НАТО, но би имал и многу, многу негативно влијание врз луѓето“, изјави Кубилиус за Ројтерс на безбедносната конференција во Салем, Шведска.
Претставници од Данска и САД, членки на НАТО, треба да разговараат за Гренланд оваа недела. Данските и гренландските власти изјавија дека островот не е на продажба, додека Трамп не ја исклучи можноста да го земе со сила.
Кубилиус рече дека не мисли дека американската воена инвазија е неизбежна, но додаде дека член 42.7 од Договорот за Европската Унија ги обврзува земјите-членки да ѝ помогнат на Данска ако се соочи со агресија.
„Тоа во голема мера ќе зависи од Данска – како ќе реагира, каква ќе биде нејзината позиција, но дефинитивно постои обврска земјите-членки (ЕУ) да ѝ помогнат ако некоја земја-членка се соочи со воена агресија“, рече литванскиот политичар.
Кубилиус го доведе во прашање оправдувањето на САД за окупирање на Гренланд со сила и предупреди дека окупацијата ќе влијае на сите аспекти на европско-американските односи.
„Кој ќе ја признае оваа окупација, која би влијаела на сите американско-европски односи, вклучително и, на пример, трговијата, каде што Американците би можеле да се соочат и со доста болни негативни последици“, рече тој.
Тој додаде дека ЕУ би можела да обезбеди поголема безбедност за Гренланд ако Данска го побара тоа, вклучително и војници и воена инфраструктура како што се воени бродови и оружје против беспилотни летала.
„На воените лица е да кажат што е потребно за одбрана на Гренланд или Арктикот. Сè е можно“, рече Кубилиус.
Тој исто така рече дека Европа треба да ги зајакне сопствените воени капацитети, без оглед на тоа дали може да се потпре на помошта од САД, додавајќи дека повлекувањето на САД од НАТО би имало сериозни последици, според Ројтерс.
„Ќе биде многу голем предизвик да се биде подготвен да се брани Европа без САД. Прашањето би било како во тој случај можеме да ги користиме структурите на НАТО, како тие можат да станат основа за европскиот столб на НАТО. Но, НАТО каков што е сега дефинитивно повеќе нема да постои“, рече Кубилиус.
Трамп минатата недела изјави дека САД секогаш ќе го поддржуваат НАТО и дека Русија и Кина ќе се плашат од западниот воен сојуз само додека САД се дел од него.
Многу земји од НАТО значително ги зголемија своите воени трошоци во последните години, по руската инвазија на Украина во 2022 година и барањето на Трамп европските членки на алијансата да инвестираат повеќе во сопствената одбрана.
Вчера, американскиот сенатор Крис Марфи, демократ од Конектикат, исто така рече дека анексијата на Гренланд од страна на САД би била крај на НАТО.
Трамп им рече на новинарите синоќа дека „нема да дозволи“ Русија или Кина да го контролираат Гренланд. На прашањето дали постои некаков договор што Гренланд или Данска би можеле да го понудат за да се спречи воена акција на САД, Трамп рече дека би сакал да види договор.
„Полесно е. Но, ќе го имаме Гренланд, на еден или друг начин“, додаде Трамп.
Тој даде слична изјава во петокот, кога рече дека ако САД не се во можност да постигнат договор за преземање на Гренланд „на лесниот начин“, ќе мора да го сторат тоа „на потешкиот начин“.
Гренланд е територија на Данска, членка на НАТО. Член 5 од Повелбата на НАТО наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите. Член 5 е повикан само еднаш, во поддршка на САД по нападите на 11 септември 2001 година врз Њујорк и Вашингтон.
Претставниците на администрацијата на Трамп се залагаат за контрола на Гренланд откако американските сили го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 3 јануари 2001 година, под обвинение за наркотероризам.