Европскиот парламент ја прифати граѓанската иницијатива „Мој глас, мој избор“, за безбеден и достапен абортус

Европскиот парламент денеска ја прифати граѓанската иницијатива „Мој глас, мој избор: За безбеден и достапен абортус“, со која од Европската комисија се бара финансиска поддршка за државите што обезбедуваат безбеден прекин на бременоста за жените од ЕУ кои немаат пристап до ова право во сопствените земји. Иницијативата беше усвоена во Стразбур со 356 гласа „за“, 241 „против“ и 48 воздржани.

Иницијативата собра 1,21 милион потписи ширум Европската унија, со што Европската комисија е формално обврзана да се произнесе по предлогот. Претставничката на Комитетот за правата на жените и родова еднаквост, Абир ал-Сахлани, ја опиша иницијативата како „демократија што тропа на вратата“, додавајќи дека историјата ќе запамети кој ѝ одговорил, а кој свртел поглед настрана.

На пленарната седница беше истакнато дека една од три жени во ЕУ ќе има абортус во текот на својот живот, што, според пратениците кои ја поддржуваат иницијативата, значи дека неговата криминализација директно ги загрозува животите на жените. Беше нагласено дека доколку Европа може да штити банки, граници и буџети, може и мора да го штити и здравјето на жените.

Според Атласот на политики за абортус во европските држави за 2025 година, најголем пристап до прекин на бременоста имаат Шведска и Франција, додека абортусот е најограничен во Андора, Малта и Полска. Хрватска е оценета со среден резултат, што ја сместува во средината на европската листа.

Според агенцијата Ројтерс, во Европа е присутен тренд на либерализација на правата за абортус и проширување на пристапот, со примери како декриминализацијата во Обединетото Кралство и уставното вградување на ова право во Франција. Истовремено, се забележува и раст на поддршката за крајно десничарски партии кои се залагаат за ограничување или забрана на абортусот.

Во расправата учествуваше и хрватскиот европратеник Томислав Сокол, кој остро ја критикуваше иницијативата, оценувајќи ја како наметнување идеолошка агенда и тврдејќи дека абортусот не е заедничка европска вредност, ниту признато човеково право во меѓународните конвенции. Тој истакна дека регулирањето на ова прашање е исклучива надлежност на државите членки.

Од друга страна, европратеникот Марко Вешлигaj од Социјалистите и демократите изјави дека Европската унија има не само право, туку и обврска да им обезбеди пристап до здравствена заштита на своите граѓанки, вклучително и до безбеден прекин на бременоста. Според него, финансискиот механизам би бил доброволен, но би спасил здравје и животи на жени низ целата Унија.

Европската комисија, по разгледувањето на иницијативата во Европскиот парламент, треба до март да одлучи дали ќе го прифати предлогот и дали ќе предложи конкретни чекори за негова реализација.

Зачлени се на нашиот е-билтен