Европскиот парламент ја усвои најострата резолуција за Србија

Со 457 гласа „за“ и 103 „против“, Европскиот парламент усвои резолуција со која остро ја критикува состојбата со владеењето на правото, медиумските слободи и граѓанските права во Србија. Документот ја опишува земјата како длабоко поларизирана и под зголемена репресија, една година по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад — трагедија што го предизвика најголемиот бран студентски и граѓански протести во поновата историја.

Во текстот се бара целосна и транспарентна истрага за несреќата и одговорност на сите инволвирани. Европратениците ја повикаа српската влада да ги спроведе препораките на ОБСЕ и ОДИХР за слободни и фер избори и предупредија на политички притисоци врз студентите, новинарите и невладините организации.

Резолуцијата наведува дека од почетокот на 2025 година се одржале повеќе од 10.000 протести на над 600 локации и дека властите често одговарале со прекумерна употреба на сила, вклучително и звучно оружје. Европскиот парламент ја осудува ескалацијата на репресијата и бара прекин на незаконскиот надзор, заплашувањата и апсењата на демонстранти и активисти.

Посебно внимание е посветено на медиумската сцена: според документот, владата на Србија наводно преговарала со сопствениците на United Media за да го ослаби тој медиум, што би претставувало директен удар врз медиумскиот плурализам.

Европратениците изразуваат и загриженост за зголеменото влијание на Кина во Србија, посочувајќи дека проектите за инфраструктура често ја заобиколуваат европската регулатива за јавни набавки и стандарди за животна средина. Во истиот контекст се споменува и истрагата на Европскиот јавен обвинител (EPPO) за можна злоупотреба на европски средства во реконструкцијата на новосадската железничка станица.

Во делот за образованието и културата, Европскиот парламент ја осудува одмаздата кон универзитетските професори и уметници кои ги поддржале протестите — отпуштања, кратење на платите и присуство на полиција во факултетите. Од Белград се бара веднаш да го врати финансирањето на јавните универзитети и да гарантира слободно учество на академската заедница во европски проекти.

Документот завршува со повик за итна ад-хок мисија на ЕУ за проверка на демократијата во Србија и предупредување дека пристапните преговори ќе продолжат само ако има мерлив напредок во владеењето на правото, независноста на судството и усогласеноста со заедничката надворешна политика, вклучувајќи ги санкциите кон Русија.

Зачлени се на нашиот е-билтен