Неколку земји членки веќе имаа воведено мерки за да ја постигнат оваа цел, но при нивните обиди да ја зголемат стапката на рециклирање текстилен отпад, некои од нив наидоа на непредвидени потешкотии поради недостатната инфраструктура.
Какви се новите правила?
До 2030 г., земјите членки ќе мора да го намалат фрлањето храна од страна на домаќинствата, продавниците и рестораните за 30% во споредба со количествата од 2021-2030 г.
Исто така, ќе мора да го намалат за 10% отпадот создаден од прехранбената индустрија.
ЕУ проценува дека блокот создава околу 130 килограми прехранбен отпад по жител годишно, што вкупно изнесува 60 милиони тони.
За текстилот, земјите членки на ЕУ ќе мора да воведат стратегии за одговорно производство, според кои производителите чиишто текстилни производи се продаваат на европскиот пазар ќе мора да ги покријат трошоците за нивно собирање, селектирање и рециклирање, откако ќе поминат 30 месеци од стапувањето на оваа директива на сила.
Во мигов, според ЕУ, се рециклира помалку од еден процент текстил во светски рамки, а самата унија создава 12,6 милиони тони текстилен отпад годишно.
Што веќе имаат преземено земјите членки?
Земјите членки му пристапуваат на проблемот со отпадот на низа различни начини.
Во Полска, од големите трговски синџири се бара да ја донираат непродадената храна на невладини организации, да водат јавни кампањи против отпад и да поднесуваат извештаи за ваквите напори. Мрежата на банки за храна, исто така, не дозволува да пропадне храната со краток рок или оштетена амбалажа така што ја пренасочува кон луѓето на кои им е потребна.
Шпанија годинава донесе закон со цел да го намали прехранбениот отпад по глава на жител до 2030 за 50% во секторите на малопродажба и на потрошувачка, а за 20% во синџирите на снабдување.
Луис Планас, шпанскиот министер за земјоделство, рибарство и храна, рече дека 2024 г. била пресвртна година за Шпанија во борбата против прехранбениот отпад, бидејќи било спречено фрлањето 51.540 тони храна и пијалаци. Но и покрај тоа што отпадот бил намален за 4,4%, лани сепак биле фрлени околу 1,125 милиони тони.
Прехранбениот отпад е голем проблем и во Бугарија. Во 2023 г., просечниот Бугарин фрлил 93 килограми храна, според податоците на Евростат изнесени од извршната директорка на бугарската Банка на храна Цанка Миланова. Ова резултира со вкупно 614.000 тони храна што пропаѓа во државата секоја година.
Посочувајќи на последиците по животната средина, Миланова вели дека само за да се произведе еден килограм јаболка се потребни 700 литри вода.
Текстилниот отпад го влошува проблемот. Во Бугарија се фрлаат преку 100.000 тони годишно, а само 7000 тони се носат на рециклирање, објави во март претпријатието за рециклирање текстил Тексајкл. Без задолжителен државен систем за собирање текстилен отпад, неговото собирање засега е оставено само на јавната свест и доброволните иницијативи.
Од годинава, земјите членки на ЕУ мораат да го одделуваат текстилниот отпад од останатиот и да го собираат засебно.
Ова предизвикува огромни проблеми во Шведска, каде што многу општини ги чекаат новите правила на ЕУ во врска со текстилот за да им разјаснат кој е всушност одговорен за неговото одложување и рециклирање.
Голем дел од текстилниот отпад што обично би бил согорен сега се праќа во станици за рециклирање или во продавници за веќе носена облека, кои се претрупани со тони неупотреблив материјал.
– Законите се донесоа по погрешен редослед, изјави Ана-Карин Грипвал од организацијата за отпадна индустрија Авфал Свериге за шведската информативна агенција ТТ во јануари.
Така, владата беше приморана да го преработи законот и од први октомври повторно ќе биде дозволено да се фрлаат алиштата што се веќе неупотребливи.
И Романија се соочува со голем предизвик при ракувањето со текстилниот отпад. Сѐ уште ја нема потребната инфраструктура, иако има средства од ЕУ во рамките на Националниот план за обнова и отпорност што се наменети за 26 нови капацитети за рециклирање до 2026 г. Во меѓувреме, можеби ќе треба да извезе или да фрли големо количество отпад, што ќе направи дополнителни трошоци и ќе има последици и по животната средина.
Романија има голем проблем со отпадот особено поради многу нискиот данок за депонии, кој изнесува само 50 евра по тон во споредба со данокот од 500 евра по тон во западните земји.
Многу земји членки на ЕУ веќе имаа воведено засебно собирање текстил уште пред зададениот рок во 2025 г.
Италија, на пример, го воведе во 2022 г. Иако имаше некакво подобрување, не беше значително. Според италијанскиот Институт за заштита и истражување на животната средина, засебното собирање текстилен отпад од 2019 г. до 2023 г. пораснало за приближно 9% — од 157.700 тони на 171.600 тони.
Лани и Шпанија донесе предлог-указ според кој на производителите им припаѓа одговорноста да го финансираат и организираат собирањето и постапувањето со текстилен отпад.
Кои се наредните чекори?
Новите правила на ЕУ за прехранбен и текстилен отпад прво ќе бидат одобрени од Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ во Европскиот совет, па ќе бидат објавени во Службениот весник на ЕУ.
Ова ќе им ги разјасни работите на земјите како Шведска така што ќе им наложи на производителите да го рециклираат отпадот, макар што 30-месечното одложување на воведувањето на правилава би можело да ги продолжи краткорочните тешкотии.
Во меѓувреме, еколозите апелираат до потрошувачите да си го сменат начинот на размислување.
Секој треба да купува „не повеќе од пет парчиња нова облека годишно“, според Беатрис Риндевал, директорка на шведското Друштво за заштита на природата, кое редовно организира размени на облека.
Со оглед што се рециклира помалку од еден процент од текстилот низ целиот свет, европратениците се надеваат дека мерките ќе го попречат напливот на увезена ултраевтина облека по „брза мода“ — често од Кина — каква што е облеката што се продава на платформи како Шиин.
Независно од ова, ЕУ предложи и фиксен данок за увоз од две евра за мали пакети, со цел да се ограничи поплавата евтини пакети облека по брза мода.
Лани, во ЕУ пристигнале 4,6 милијарди пакети — повеќе од 145 секоја секунда — од кои 90% биле од Кина. Најголемите европски здруженија за текстил и облека во вторникот објавија заедничка изјава во која ја осудуваат ситуацијата и апелираат до ЕУ да стори повеќе за да го реши проблемот.