Политичките кругови и јавноста во Европската унија се шокирани и огорчени, додека европските лидери и влади засега реагираат крајно воздржано на новата доктрина на Вашингтон која го опишува „цивилизацискиот пад на Европа“ и укажува дека Русија треба да стане партнер, а не непријател, пишуваат европските медиуми.
Француската влада молчи, но „Монд“ оценува дека „разорните ставови“ објавени во Националната стратегија за безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп јасно покажуваат дека Вашингтон повеќе не чувствува обврска кон традиционалните сојузништва.
„Ова е историски прекин со периодот по 1945 година“, истакнува весникот.
И други европски медиуми забележуваат дека Трамп во новата стратегија ја критикува Европа, а не Москва, и дека САД очекуваат Европа до 2027 година да го преземе контролниот товар во НАТО.
„Европските лидери не им дозволуваат на граѓаните да ја изразат желбата за мир“
Во документот се наведува дека европските лидери им ја ускратуваат на мнозинството граѓани можноста да го изразат стремежот за мир во Украина, а јасно стои и дека Алијансата повеќе не смее да се шири.
Единствен кој јавно реагираше е германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој порача дека САД „не можат да ѝ држат лекции на Германија за демократија“, но изрази уверување дека Америка ќе остане главен сојузник на Европа.
Спротивно на тоа, италијанската премиерка Џорџа Мелони – која во некои позиции е блиска до Трамп – делумно ги поддржа ставовите од Вашингтон, велејќи дека „Европа мора самата да се брани ако сака да биде силна“.
Страв од политички судир со Вашингтон
„Кориере дела сера“ пишува дека европските лидери сакаат да избегнат вербален судир со Трамп, иако гневот е голем, поради низа чувствителни отворени прашања – од преговорите за војната во Украина, до нерешените спорови околу американските царини за европските производи.
Весникот потсетува дека во осум децении сојузништво меѓу Европа и САД имало и тајни договори, поддршка, но и потценување и скриени тензии.
Шпански „Паис“ оценува дека „Трамп ја притисна Европа во нејзиниот најголем страв – дека политичката интервенција на најважниот сојузник ја турка либерална Европа во културна и идеолошка војна“.

