Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европските земјоделци со протести против намалувањето на субвенциите за „зелена нафта“, во Македонија таа е зголемена за 100%

Новите мерки за поддршка на земјоделството попладнево беа презентирани од ресорниот министер Љупчо Николовски во Кавадарци. Една од мерките е зголемување на поддршката за зелена нафта за 100 отсто, објави МИА од оваа презентација.

– Мерката, воведена од оваа Влада, која првпат стартуваше во 2019 година, со поддршка од 30 проценти за трошоците за гориво на земјоделската механизација, а која во 2022 година беше зголемена на 50 отсто, денеска таа поддршка за зелена нафта достигна до 100 отсто. Поддржувајќи годишно 55.000 земјоделци, рече Николовски.

Тој додаде дека лозарите добиваат поддршка за зелена нафта во висина од 9.600 денари.

– Оваа 2024 година поголема поддршка даваме на лозарите и за остварено производство на грозје. Шеесет илјади денари по хектар, вкупна поддршка, за семејни земјоделски стопанства, кои го произвеле и продале винското грозје, врз основа на склучен договор со регистриран производител на вино, најдоцна до 30 април 2024 година, со принос од најмногу 10.000 килограми по хектар и исплатена цена по килограм не пониска од 35 денари. Од кои, 12.000 денари авансно и 48.000 денари дополнителна поддршка, нагласи министерот.

Тој додаде дека ваквата мерка е во насока за постигнување на поставените цели од Стратегијата за развој на лозарството и винарството, зголемување на производството флаширано вино, зголемен квалитет на македонското вино и неговата вредност на странските пазари.

– Ги охрабруваме производителите на винско грозје и винарските визби, уште во период на првите агротехнички мерки, да го договорат начинот на одгледување на лозовите насади. Со цел добивање на суровина за производство на високо квалитетни вина, кои ќе бидат препознаени на странските пазари и ќе постигнат цена, што ќе ги задоволи и производителите на вино и производителите на грозје. Зголемената поддршка е само почеток во низата на мерки за развој на лозарството и винарството. Имајќи предвид дека со новиот закон за вино, кој е веќе во собраниска постапка, предвидуваме посебна програма за финансиска поддршка во развој на лозарството и винарството. Програма каде се предвидуваат дополнителни мерки согласно политиките на Европската Унија, за одржување и развој на лозарството и винарството. Поддршка за лозарите, преку програмата за рурален развој, обезбедуваме во зачувување на нашата македонска автохтона винска лоза Станушина. Поддршката се реализира преку програмата за директни плаќања, во висина од 5.000 денари, по хектар. Корисници се земјоделски стопанства, кои имаат засадена минимална површина од 0,2 ха со автохтоната сорта Станушина, рече министерот. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен