Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Евростат: ЕУ го намали увозот на енергија

 Европската унија и во вториот квартал го намали увозот на енергија за речиси 40 отсто, покажуваат податоците на Европската канцеларија за статистика, што е одраз на значително намаленото снабдување од Русија.

Вредноста на увозот на енергија е намалена од април до јуни за 39,4 отсто во однос на истиот период лани, а обемот на увозот е намален за 11,3 отсто, соопшти Евростат.

Во првите три месеци од годинава вредноста е намалена за 26,5 отсто, а обемот за 6,1 отсто.

Главни добавувачи на нафта и нафтени деривати во вториот квартал беа Норвешка и САД со речиси исто учество во увозот, околу 14 отсто. Во истиот период лани таа беше нешто повисока од десет отсто.

Следат Казахстан со учество во увозот од април до јуни од десет отсто и Саудиска Арабија со девет отсто.

Русија, некогаш главен снабдувач, падна на дванаесеттото место со удел во увозот од само 2,7 отсто. Пролетта лани изнесуваше 15,9 отсто.

-Поради руската агресија врз Украина, ЕУ воведе неколку пакети санкции кон Русија, кои директно и индиректно влијаеја на трговијата со нафта и деривати и природен гас. Резултатот се рефлектира во се поизразената диверзификација на добавувачите на енергија, заклучува Еуростат.

Во декември Брисел го забрани увозот на руска сурова нафта со бродови, а во февруари увоз на деривати, реагирајќи на руската инвазија врз Украина.

Во вториот квартал значително е намален и обемот на увозот на природен гас, за 17 отсто во однос на истиот период лани. Промената на вредноста на увозот не е наведена.

Норвешка стана главен снабдувач со удел во увозот од ЕУ од 44,3 отсто. Следува Велика Британија со 17,8 отсто и Алжир со 16,5 отсто, пресмета Еуростат.

Уделот на Русија во увозот на природен гас оваа пролет е половина од истиот период минатата година и изнесува 13,8 отсто.

Соединетите Американски Држави, пак, ја задржаа својата позиција како главен снабдувач на течен природен гас, со учество во увозот од ЕУ од 46,4 отсто. По неа следат Русија со 12,4 отсто и Катар со 10,9 отсто, објави Евростат. 

Зачлени се на нашиот е-билтен