Бруто домашниот производ на еврозоната (БДП/економска активност) порасна за 0,3 проценти во првиот квартал од 2025 година во споредба со претходниот квартал, според втората проценка објавена од Евростат во четврток.
Ова претставува мало забрзување од растот од 0,2 проценти забележан во последниот квартал од 2024 година, но е и мала ревизија надолу во споредба со прелиминарната проценка од 0,4 проценти. На годишно ниво, БДП на еврозоната порасна за 1,2 проценти, што е во согласност со претходните податоци и очекувањата на економистите.
Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, Ирска забележа највисока квартална стапка на раст – дури 3,2 проценти. Шпанија повторно покажа отпорност меѓу големите економии со раст од 0,6 проценти, пред Италија (0,3 проценти), Германија (0,2 проценти) и Франција (0,1 процент).
Од друга страна, пад на економската активност е забележан во Португалија (-0,5 проценти) и Словенија (-0,8 проценти).
Растот на вработеноста и скокот на индустриското производство
Пазарот на трудот покажува знаци на закрепнување, бидејќи вработеноста во еврозоната се зголеми за 0,3 проценти во првите три месеци од оваа година во споредба со претходниот квартал.
Ова е над очекувањата, но и над растот од 0,1 процент забележан во претходниот квартал. На годишна основа, вработеноста се зголеми за 0,8 проценти, што е во согласност со прогнозите.
Силниот скок на индустриското производство дополнително укажува на зголемена економска активност. Индустриското производство во еврозоната се зголеми за 2,6 проценти во март од февруари – најбрзиот месечен раст од ноември 2020 година. Резултатот ги надмина очекувањата на аналитичарите од 1,8 проценти и следеше по ревидираниот раст од 1,1 процент во февруари.
Податоците на Евростат покажуваат силен месечен раст на производството на капитални добра (3,2 проценти), трајни производи за широка потрошувачка (3,1 процент) и нетрајни производи за широка потрошувачка (2,3 проценти). Производството на меѓупроизводи порасна поскромно – 0,6 проценти, додека енергетскиот сектор забележа пад од 0,5 проценти.
Меѓу земјите-членки, Ирска го предводеше растот на индустриското производство со скок од 14,6 проценти, по што следуваат Малта (4,4 проценти) и Финска (3,5 проценти). Од друга страна, пад на производството е забележан во Луксембург (-6,3 проценти), Данска и Грција (и двете -4,6 проценти) и Португалија (-4,0 проценти).
На годишно ниво, индустриското производство во еврозоната порасна за 3,6 проценти, што е највисока стапка од 2022 година.
Индустриското закрепнување во март се припишува на две клучни работи: објавувањето на германскиот пакет фискални стимулации од 800 милијарди евра, фокусиран на одбраната и производството, и превентивниот пораст на извозот од Европа во САД пред очекуваното зголемување на царините според трговската политика на Доналд Трамп.