Дронови од дрво и пена вредни десетици илјади долари навлегоа длабоко во полскиот воздушен простор, а беа пресретнати сo авијација која чини милијарди и ПВО – слика што болно ја сумира дилемата на НАТО во 2025: како да се браниш економски разумно од евтин, масовен противник. Полска активираше член 4 и побара итни сојузнички консултации; државата накратко затвори дел од источниот воздушен простор, а Латвија воведе 50-километарски појас на затворање долж границата со Русија и Белорусија.
Полските власти регистрираа 19 навлегувања меѓу вторник доцна и среда наутро; НАТО и Полска соборија неколку дронови – првата позната огнена акција на една членка на Алијансата во контекст на војната во Украина. Дел од пресретнувањето вклучуваше холандски F-35, италијански извидувачки платформи и германски Patriot во висока готовност. Северноатлантскиот совет заседаваше по член 4, додека генералниот секретар Марк Руте порача дека сојузниците „успешно ја обезбедија“ територијата и ќе ја „бранат секоја педа“.
Иако Русија тврди дека не таргетирала цели во Полска, европски лидери го оценија настанот како тест на НАТО. Во тек е и седница на Советот за безбедност на ОН на барање на Варшава.
Полската епизода ја оголи старата рана: евтини „Геран/Шахед“ дронови (руската верзија на иранските Shahed-136) против пресретнувачи и ракети што чинат стотици илјади до милиони по лансер. Проценките за чинењето на дронот се движат од ~20–80 илјади долари, зависно од конфигурацијата и локалната руска изработка; во секој случај, редови помалку од цената на западните ракети.
Украина веќе две години се брани поинаку: слоевита одбрана со електронски мерки, ПВО каде што има смисла и сопствени евтини „пресретнувачки“ дронови, со што редовно пријавува 80–90% пресретнувања во „големи ноќи“. По полскиот инцидент, Зеленски јавно ги повика сојузниците да го преиспитаат моделот – „Патриот и SAMP/T не се решение за евтини роеви“.
Токму тука е предупредувањето што го артикулираат и европски аналитичари: не може секој пат да се креваат F-35 по дрон од 30.000 долари; потребни се повеќе анти-дрон системи блиску до земја, и електронско „гушење“ што чини помалку од мета.
Покрај политичките изјави, се движи и индустријата. Saab „Nimbrix“ – нов, нискобуџетен ракетен ефектор за уништување мали UAV на краток домет – е презентиран како „празнина меѓу топ/куршум и VSHORAD ракети“. Француската DGA на 22 август нарача SYDERAL – демонстратор на ласерско оружје за анти-дрон, во конзорциум на MBDA, Safran, Thales и CILAS, со планови за оперативна зрелост околу деценијата.
Финансиски, Брисел отвори SAFE – до 150 милијарди евра долгорочни заеми за одбранбени капацитети, со посебен фокус на празнините во ПВО. Но ако средствата одат претежно во „тешки“ системи, дупката на ниски височини ќе остане.