Граничниот премин Евзони кон Македонија од денеска напладне практично е пресечен: грчките земјоделци го затворија преминот и за влез и за излез, оставајќи стотици патници и камиони заглавени на двата краја од границата. На локацијата се паркирани над 150 трактори и земјоделски машини, а колоната постојано се засилува со возила од околината Пеонија, јавуваат грчките и македонските медиуми. Блокадата е најавена како отворена – без јасен рок кога ќе заврши.
Ова не е изолиран инцидент. Преминот Евзони беше затворен и вчера во доцните попладневни часови, прво само за камиони кои влегуваа во Грција, а потоа и за сите категории возила, со општа блокада што траела до полноќ. Денешното целосно затворање доаѓа како продолжение на таа акција, но со многу поголем интензитет и учество.
Протестот на земјоделците одамна излезе од рамките на локален штрајк. Блокади има и на автопатот Солун–Атина, особено во регионот на Лариса и Кардица, каде што тракторите веќе неколку дена ја сечат главната север–југ артерија на Грција. Земјоделските здруженија најавуваат проширување на акциите и поставување дополнителни блокади на клучни сообраќајни точки низ државата.
Во позадина на блокадите стои жестоко незадоволство од доцнењето на европските земјоделски субвенции и големиот скандал со злоупотреба на ЕУ-пари. Истрагите на европските и грчките власти открија случаи на фиктивни ниви и сточарство за извлекување милионски суми, поради што дел од исплатите се стопирани, а вистинските земјоделци се соочуваат со сериозен финансиски удар. Тие протестираат и против високите трошоци за производство и ниските откупни цени, предупредувајќи дека без сериозен пакет мерки, делови од грчкото земјоделство ќе станат неодржливи.
Ситуацијата има директни последици и за Македонија. Евзони е најфреквентниот премин за туристи и трговија со Грција, особено кон Солун и Егејското крајбрежје. Секое негово затворање значи прекин на редовните транспортни рути, пренасочување на товарните возила кон други премини и дополнителни трошоци и доцнења за компаниите кои зависат од увоз и извоз преку јужниот сосед. За патниците, пак, тоа практично значи дека патот до Солун моментално е затворен, освен доколку грчките власти не воведат повремено пропуштање на возила, што засега не е најавено.
Граничната криза на Евзони доаѓа само еден ден по блокадата на преминот Дојран од грчка страна, каде што земјоделците двочасовно го прекинаа сообраќајот во рамки на истата протестна акција. Тоа дополнително ја храни загриженоста дека, доколку протестите продолжат да се радикализираат, на удар би можеле повторно да се најдат сите копнени премини меѓу двете земји, како што веќе се случувало во минатото.

