„EXIT“ во Скопје? Што кажа Орце – а што кажува самиот фестивал

Кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски објави дека е постигнат договор Скопје од следната година да стане нова дестинација на „EXIT“. Но неговата изјава содржи клучна клаузула – проектот би се реализирал „ако тој победи на локалните избори во октомври“. Тоа го бележат и медиумите што ја пренесоа веста.

Од другата страна, официјалната комуникација на „EXIT“ во изминативе денови оди во поинаков правец: фестивалот најави глобална турнеја во 2026 година со создавање нови фестивали на повеќе локации ширум светот, по моделот на веќе постоечките спин-оф изданија како Sea Star (Хрватска) и Sea Dance (Црна Гора). Во истите пораки Египет се спомнува како една од точките на таа турнеја, а не како единствена или конечна „нова адреса“ на брендот. До овој момент, во нивните официјални канали не е објавена конкретна најавa за Скопје, само демант дека фестивалот трајно се сели од Нови Сад.

Оваа разлика е суштинска. Изјавата на Ѓорѓиевски создава впечаток дека Скопје веќе е обезбедена нова дестинација на „EXIT“ со старт „следната година“, додека од фестивалот се комуницира поширок експанзиски формат – повеќе настани низ светот во 2026, со Египет како сигурно потврдено стес-лоцирање, и без официјално соопштение за Скопје. Таквиот модел е конзистентен со „EXIT фамилијата“ на настани, каде матичниот фестивал коегзистира со повеќе „сестрински“ изданија под истиот бренд. Ваков формат веќе постои и во Струмица во изминативе 3 години.

Дел од меѓународните музички медиуми во јуни–јули објавија дека по 2025 „EXIT“ излегува од Србија поради финансиски и политички притисоци, а 2026 ќе ја отвори „египетската“ етапа. И овде официјалните канали на фестивалот се повнимателни – наместо „преселба“, користат рамка на глобална турнеја и развој на нови изданија. Тоа остава простор за повеќе градови, но и подразбира дека секоја нова локација мора да биде експлицитно потврдена од организаторот. Досега, Скопје не е.

Зачлени се на нашиот е-билтен