Последниот ден од 32. издание на Fashion Weekend Skopje, што од 27 до 29 март се одржа во „Дајмонд мол“, беше посветен на студентските колекции, дигиталните алатки во модата и на презентации што ја отворија темата за иднината на индустријата. Програмата ја отворија студентите од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, со колекции на Рејхана Винца, Мирадије Селими и Дорунтина Каштанјева.
Во истиот ден беше одржан и јавниот разговор „3D и AI во модата“, во рамки на европската иницијатива Green DigiFashTechManager, проследен со изложба посветена на пресекот меѓу модниот дизајн, 3D технологијата и вештачката интелигенција. Во програмата беа вклучени текстилната инженерка и 3D модна дизајнерка Ангела Доневска со „Deep Within – Hologram Collection“, директорката на Семос Едукација Ангелина Канчевска и модниот дизајнер Никола Ефтимов со проектот „The Vein of Light“.
Посебен сегмент имаше и соработката со Академијата за графички дизајн, во која 17 студенти и алумни изработиле повеќе од 33 визуелни решенија за идентитетот на FWSK32 со користење AI алатки и дигитални медиуми. Официјалната насловна визуелизација е дело на Едита Зекировиќ, а делата беа прикажани како дел од програмата. Во рамки на денот беше претставен и европскиот проект Just Fashion, за кој зборуваше Даниела Милошеска од Bastet Noir, со фокус на одржливо производство, виртуелна кастомизација и дигитално прототипирање.
Во вториот дел од вечерта, програмата продолжи со ревијалниот дел. Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје настапи со ревијата „Еклиптика“, по што следуваше групната ревија на Марија Станојовска и Маригoна Рахмани. Финалето му припадна на Олгица Ѓоргиева, која ја претстави колекцијата „Metamorfosis“, поддржана од Nera Caffe.
Завршницата на 32. издание вклучи и промоција на книгата „Облеката и модата, од историјата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ. Со тоа, финалниот ден ја затвори програмата што оваа сезона ја постави модата не само како писта и ревија, туку и како поле во кое се среќаваат образованието, технологијата, авторството и културниот контекст.