Иако скопјани со денови кашлаат и се жалат на тежок мирис на изгорена пластика од ѓубре, која се шири од запалените Вардариште и Дрисла, премиерот денес рече дека испитуваните параметри на штетни честички не покажуваат алармантни вредности.
Изјавата следи по вчерашниот пожар во депонијата „Дрисла“, кој избувна во 15:15 часот и сè уште е активен. Наместо со вода, пожарот се гаси со затрупување на најкритичните делови, откако претходните обиди за гаснење не дале резултати.
„Нема зголемени такви параметри што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но, лошо е да се прави тоа. Затоа го поставив прашањето на кого му одговара ова да се случува сега. Кога ќе дадете одговор на тоа, ќе ви стане јасно кој и зошто го прави“, рече Мицкоски.
Тој најави решавање на депониите „Дрисла“ и „Вардариште“ преку јавно-приватно партнерство со јавен тендер и јасни критериуми.
„Ќе ја решиме депонијата во Вардариште и ‘Дрисла’, која треба да личи на модерна европска депонија со фабрика што ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот“, изјави премиерот, додавајќи дека очекува отпори од невладини организации, но дека ќе се издржи.
Мицкоски потсети дека оваа влада за првпат уапсила лица кои нелегално топеле кабли во Вардариште за да извлечат бакар. Според него, нема „ад хок“ решение за проблемот со депониите бидејќи метанот лесно се пали дури и со еден отпушок.
Очекувањата се дека по денешниот координативен состанок ќе се надмине проблемот со палењето на депониите, но премиерот предупреди дека секој обид за изградба на регионални центри за отпад досега бил проследен со реакции од невладини организации и политички структури.
Извор: 360 степени