Гласањето на Американската филмска академија е завршено, а номинациите за 98. доделување на Оскарите ќе бидат објавени во четврток. Според проценките на филмските аналитичари, годинава би можела да влезе во историјата, бидејќи два филма – „Грешници“ и „Една битка по друга“ – се сметаат за сериозни кандидати за рекорден број номинации.
Филмовите, зад кои стои студиото Warner Bros, би можеле да го надминат досегашниот рекорд од 14 номинации, кој го држат култните „Сè за Ева“, „Титаник“ и „La La Land“.
„Грешници“ – историска драма со мрачна нота
Филмот „Грешници“, сместен во Америка од 1930-тите, во време на сегрегација и прохибиција, комбинира историска драма, блуз-естетика и елементи на хорор. Во центарот на приказната се близнаци гангстери кои планираат да отворат илегален бар, а ги толкува Мајкл Б. Џордан, за кого се очекува номинација за најдобар актер.
Критичарите предвидуваат дека филмот ќе биде номиниран во повеќе категории – од сценарио и музика, до режија и главна улога. Режисерот Рајан Куглер, според „Варајети“, е на чекор до „статистичка зона во која досега не стигнал ниту еден автор“.
Пол Томас Андерсон доминира со „Една битка по друга“
Сепак, во моментов најмногу внимание привлекува филмот „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон. Трагикомедијата следи поранешен екстремист кој се соочува со сопственото минато, а главната улога ја толкува Леонардо ди Каприо.
Ди Каприо, кој веќе има Оскар за „Повратникот“, повторно е меѓу фаворитите за најдобар актер. Филмот веќе доминираше на неколку престижни доделувања на награди и се смета за еден од најсериозните кандидати за најдобар филм.
Нетфликс со силно присуство, Европа со сериозни адути
Во трката се вклучува и Нетфликс, со очекувани номинации за:
- „Франкенштајн“ на Гиљермо дел Торо
- историската драма „Соништа на шините“
- анимираниот хит „K-pop: Ловци на демони“
Меѓу европските фаворити се издвојува норвешкиот филм „Сентиментални вредности“, како и француско-иранската продукција „Еден обичен инцидент“ на Џафар Панахи – добитник на Златната палма во Кан.
Актерски трки и нова Оскар-категорија
Во трката за најдобар актер, покрај Ди Каприо и Џордан, се споменува и Вагнер Моура, додека фаворит за победа според обложувалниците е Тимоти Шаламе, награден со Златен глобус за улогата во „Marty Величествениот“.
Годинава за првпат ќе се доделува и Оскар за кастинг, што претставува историски момент за филмската индустрија.
„Прашањето е – дали Академијата ќе ја награди ѕвездената моќ, кохезијата на актерската екипа или откривањето нови таленти“, вели филмскиот аналитичар Клејтон Дејвис.
Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени утре, а веќе сега е јасно дека сезоната 2026 носи една од највозбудливите трки во последната деценија.