„Femme Fatale“ – изложба на женски портрети од Христина Мазнеска во КСП „Центар-Јадро“

Во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје, утревечер (3 ноември) во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Femme Fatale“ на визуелната уметница Христина Мазнеска. Изложбата претставува серија женски портрети во кои авторката преку цртеж и дигитална обработка истражува различни аспекти на женската сила, чувствителност и идентитет.

Делата на Мазнеска комбинираат реализам, идеализација и постекспресионистички манир, со визуелни елементи инспирирани од Ворхоловскиот поп-арт пристап. Куратор на изложбата е Марјан Минов, историчар на уметност.

„Фаталната жена во делата на Мазнеска носи длабок психолошки наратив. Нејзиниот продорен поглед крие мигови на страв, самодоверба, интуитивност и страст. Таа е симбол на женската моќ – на способноста да го понесе бремето, да ги надмине предизвиците и да опстои“, вели кураторот Минов.

Христина Мазнеска е родена во Прилеп во 1995 година. Средното уметничко образование го завршила во ДУУБ „Лазар Личеноски“ во Скопје на отсекот за сликарство, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2018 година, на модулот графички дизајн.

Зад неа стојат бројни групни изложби, креативни работилници и фестивали за применета уметност. Таа е добитничка на неколку награди и активно работи во областа на дигиталната уметност, илустрацијата и графичкиот дизајн.

Изложбата „Femme Fatale“ ќе биде отворена до 9 ноември во просториите на КСП „Центар-Јадро.

Зачлени се на нашиот е-билтен