Фестивалот на грчки филм синоќа во Кинотека свечено го затвори Амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, а потоа следуваше проекцијата на филмот „Жена-Убиец/Фониса“ на Ева Натена и „Поглед од балконот“ – краток филм на Арис Капланидис.
Амбасадорката Филипиду се заблагодари на соработката на Фестивалот Киненова и на Кинотеката на Северна Македонија и посочи дека филмот на Ева Натена со кој се затвора годинешното издание говори за една измачена постара жена која што убива женски новороденчиња за да ги спаси од нивната темна судбина.
-Филмот е инспириран од култниот роман на познатиот грчки писател Александрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии, рече Филипиду.
„Жена-убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацрврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле.
На присутните со видео –порака им се обрати и режисерката Ева Натена, која се заблагодари на организаторите на Фестивалот и вети дека во октомври ќе допатува во Скопје.
-Многу сум среќна што филмот се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. За мене и моите соработници е мошне важно што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите да го доживеете филмот во вистинско светло, рече Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.
Фестивалотот на грчки фиул се одржува од7-9 април во Скопје и од 8-10 април во Битола и ја понуди есенција на грчката филмска уметност од последните неколку години, прикажувајќи вкупно шест филмови – три долгометражни и три кратки филмови.
Програма е направена според концептот да се приближи светогледот на современите грчки филмски автори, кои прават вивисекција на современото грчко општество. Доминираат темите за машко-женските односи, доминацијата на мажите, оттуѓеноста на современиот човек во грчкото општество, занимавањето со смртта во разни димензии, како казна, како решение, како поттик, како мотивација.
Присутните ги поздрави и Клери Коцидас, шеф на Канцеларијата за јавна дипломатија во Амбасадата на Грција, посакувајќи и на публиката уште една убава вечер со грчката кинематографија.