Фудбалската федерација на Македонија отвори дисциплинска постапка против ФК Вардар по недоличната прослава на шампионската титула, на која беа пеени навредливи и вулгарни песни. Одлука за случајот се очекува во вторник.
ФФМ соопшти дека го осудува однесувањето на клубот при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија. Федерацијата наведува дека навредливи содржини, говор на омраза и неспортско однесување немаат место во фудбалот.
Во соопштението се посочува дека ривалитетот меѓу екипите е прифатлив само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит. Дисциплинскиот инспектор при ФФМ ќе постапува според пропозициите и дисциплинските правилници.
На прославата реагираше и министерот за спорт Борко Ристовски, кој побара извинување до јавноста и предупреди дека вакви случаи не треба да се повторуваат.
