Фицо ѝ се закани на Украина: Ако не добиеме нафта до понеделник, ќе ви ја исклучиме струјата

Словачкиот премиер Роберт Фицо му се закани на Киев дека Братислава ќе го прекине итното снабдување со електрична енергија за Украина доколку транзитот на нафта во Словачка не биде обновен до понеделник.

Овој ултиматум дополнително ги влошува затегнатите односи меѓу двете земји.

Обвинувања против Зеленски

„Доколку украинскиот претседател не ги обнови испораките на нафта за Словачка во понеделник, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги прекинат итните испораки на електрична енергија за Украина“, рече Фицо.

Тој го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се однесува „злонамерно“ кон Братислава затоа што таа не ја поддржува војната и не го почитува „мирниот пристап“ на Словачка. Фицо тврди дека Украина прво го прекинала протокот на гас кон Словачка, што, како што вели тој, предизвикало штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораките на нафта, што создало дополнителни загуби и логистички проблеми.

Тој нагласи дека Словачка ѝ помага на Украина уште од почетокот на војната, истакнувајќи дека на нејзина територија има околу 180.000 Украинци, обезбедувајќи им хуманитарна помош и организирајќи заеднички владини седници. Тој тврди дека Братислава прави „значително повеќе од некои други земји“.

„Ако на Западот не му пречи што гасоводот „Северен тек“ беше разнесен, Словачка не може да прифати дека словачко-украинските односи се еднонасочна улица од која има корист само Украина. Словачка е горда и суверена држава, а јас сум горд и суверен Словак“, рече Фицо.

Тој најави дека доколку не се обноват испораките на нафта, ќе побара од државната компанија СЕПС да ги прекине итните испораки на електрична енергија за Украина. Фицо тврди дека ваквите испораки, клучни за стабилизирање на електроенергетската мрежа на Украина, биле потребни двојно повеќе само во јануари 2026 година отколку во целата 2025 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен