Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со граѓаните во Пехчево порача дека „борбата на овие избори не е само локална ниту само политичка, туку економска и борба за достоинство“, најавувајќи цел за минимална плата од 500 евра. „За правото на човекот да живее чесно од сопствената плата, да може да оди во маркет, да го обезбеди семејството. Се бориме за правда, за достоинство и за надеж,“ изјави Филипче.
Тој оцени дека Пехчево е „уште еден град каде нема инвестиции, нема горди граѓани“ и упати критики кон власта, велејќи дека „ароганцијата на ВМРО-ДПМНЕ мора да запре“. Во настапот го обвини премиерот Христијан Мицкоски за „лицемерие“, алудирајќи на, како што рече, договори потпишани со фирми за кои претходно власта обвинила за „криминални тендери“. „Го слушам премиерот како да е сè уште во опозиција,“ додаде Филипче.
Пред присутните, лидерот на СДСМ истакна дека партијата настапува со „чесни луѓе со знаење и резултати“ и го посочи Златко Николовски како кандидат кој, според него, има „желба да се бори за подобри општини и подобар живот“. Воедно, упати повик за масовна излезност на 19 октомври, нагласувајќи дека граѓаните тогаш одлучуваат меѓу „лагите и неисполнетите ветувања на власта“ и „борбата за правичен дом“.