Филипче: Да го одбраниме нашиот заеднички дом, да ја одбраниме Македонија како дом за сите

Филипче порача „Имаме една цел, да изградиме дом за сите, а не само за привилегираните“

Вечерва СДСМ и коалицијата по слоганот „Се бориме за нашиот дом“, ја претставуваат програмата од Пробиштип од каде лидерот на СДСМ Венко Филипче порача дека не смее да се доволи Македонија да стане приватна сопственост.

„Од овде, од Пробиштип, испраќаме јасна порака – да го одбраниме нашиот заеднички дом. Да ја одбраниме Македонија како дом за сите, не како приватна сопственост на неколкумина од власта. Македонија е наш заеднички дом – дом во кој секој граѓанин е еднаков, во кој има место за сите, а не само за привилегираните околу власта. Да изградиме општество каде што младите ќе остануваат, а не ќе заминуваат. Да создадеме Македонија во која чесниот труд ќе се вреднува, а не партиската книшка“, рече Филипче во Пробиштип.

Притоа тој истакна дека изборот на локалните избори не е само политичка, туку е битка за праведност, за достоинство и за иднината на следните генерации.

„СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода, за правда, за еднаквост. Нашите корени се во АСНОМ, во генерации што ја вградија темелната вредност државата да биде дом на секој човек. Вечерва таа вредност ја ставаме на прво место. Зашто без вас, без нашето јадро, без нашето членство, нема СДСМ. Без вас, нема иднина за правда, за еднаквост, за грижа“, рече тој.

Филипче исто така порача дека е време да се врати надежта и да се покажее дека СДСМ знае да ја исправи државата во секое маало и секоја зграда.

„Не ветувам лесен пат. Ветувам борба чесна, упорна, со главата горе. Ние сме наследници на идејата за слободна, праведна и солидарна Македонија. Време е да се собереме и да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати државата во рацете на народот“, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен