Одговорност на Владата е во септември да им ги зголеми платите на наставниците за 12 проценти, порача денеска СДСМ од партискиот собир пред Министерството за образование и наука. Пари има, истакнаа учесниците на собирот, но прашањето е, оценија, кои се приоритетите.
Како што рече претседателот на СДСМ Венко Филипче, ваквата одлука на Владата е понижување и навреда за просветните работници. Тој ги нарече премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска мајстори на илузија, а го квалификува и како изговор нивното образложение дека нема средства во Буџетот за повисоки плати на наставниците.
Според Филипче, пари во Буџетот има, но платите, како што рече, за жал, не се приоритет.
– Владата нема оправдување што наставниците ја почнуваат школската година без покачени плати и, би рекол, понижени, запоставени и навредени од Владата. Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ги учат и воспитуваат децата. Неприфатливи се објаснувањата дека нема пари во Буџетот. Имаше ребаланс, можеа да обезбедат средства. Но, наместо за тоа, обезбедуваат средства за други работи – нови министерства, нови вработени во тие министерства. Значи, изговор е дека нема пари. Ако се сака, може да се најдат пари, како што можеа да се најдат и во КОВИД и во енергетската криза. Ако имаше средства во времето на СДСМ, кога беа најголемите кризи, може и сега да има, истакна Филипче.
Никој, напомена, не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците, кога има, како што рече, средства за четири нови министерства, за партиски вработувања, луксузирања, авионски карти, нови директоркси места…
-Овој собир, пред почетокот на школската година, е алармирање за власта, за нејзините погрешни политики во образованието. Апелирам Владата да се соземе и да сфати дека без редовно покачување на платите во услови кога цените растат, а таа не ги контролира, животниот стандард ќе паѓа, подвлече Филипче.
Собирот го организираше Комисијата за образование и наука на СДСМ и нема никаква врска, како што рече Филипче, со Синдикатот.
– Тука се собрани просветни работници, членови на СДСМ и собирот нема никаква врска со Синдикатот. Ние бевме тие кои ги слушаа барањата на просветните работници и максимално излегувавме во пресрет и во најкризните времиња, за да им се зголеми животниот стандард. Во таа смисла, испраќаме политичка порака, од СДСМ, дека ако се сака, навистина тоа може да се направи, тие дојдоа да испратат порака на незадоволство од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине политиката на раст на плати. Тука се собрани просветни работници кои изминатите сеудм години интензивно работеа на креирање и имплементирање политики за покачување на платите. Мора да ставиме фокус на просветните работници зашто тие ни ги школуваат и едуцираат децата и тоа е нашата најголема инвестиција во иднината. Не е вистина дека нема пари во Буџетот. Ние најдовме пари во континуитет изминатите години да ги покачуваме платите и сега се зголемени вкупно 55 проценти, повтори партискиот лидер.
Собирот беше под мотото „Немате оправдувања, покачете ги платите!“, а освен Филипче, се обратија и Петре Трајковски, наставник во средно образование, Розалија Ангеловска, наставничка во основно образование и Весна Баковска, наставничка.