Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филипче: Ќе се разочараат оние кои сакаат да ја видат СДСМ на колена

Личните интереси настрана и одлуки што ќе бидат за општото добро на сите – членовите, граѓаните и државата. Ова го вети д-р Венко Филипче кој синоќа беше избран за лидер на СДСМ на внатрепартиските избори.

„Многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваат дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а они кои се надеваат на лоша иднина на партијата, длабоко ќе се разочараат“, потенцираше Филипче.

Тој вети дека ќе ја води партијата преку принципите од кои тој се води и во животот – заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација со сите. 

„Како претседател ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам. Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата. Ветувам дека силно ќе се спротивставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го заштитам и слушнам секој член и на секому ќе му дадам глас. Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизвиците кои следат“, рече Филипче.

Во своето обраќање, Филипче истакна дека СДСМ ќе дејствува како силна опозиција којашто ќе се бори против лошите политики на власта и секогаш ќе биде гласот на разумот и на граѓанската волја која ќе биде заштитена доколку е погазена.

„СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“, рече Филипче.

Зборувајќи за победата и неговиот избор за претседател на СДСМ, Филипче истакна дека тоа претставува огромна одговорност за него на која ќе одговори со професионализам, емпатија и грижата за луѓето кои се негови основни принципи и принципи по кои ќе функционира и партијата под негово раководство.

„Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Малку имаме за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да направиме вистински темелни промени“, рече Филипче и додаде дека тоа единствено може да биде постигнато преку вистински и истрајни промени што ќе ја вратат довербата во СДСМ и што ќе и овозможат на партијата повторно да биде мотор на општествениот напредок.

Филипче се заблагодари за довербата од членството и упати честитки и до своите сопартијци противкандидати и до изборната комисија за спроведени демократски избори и конкурентната борба. СДСМ демонстрираше дека има демократски капацитет, кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам, потенцира Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен