Седум години ветувавте ефикасна и мала администрација, а сега со Буџетот за 2025 година се гледа дека очигледно планирате добро да ја натоварите администрацијата со партиски војници, рече на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет Венко Филипче од СДСМ.
Филипче се осврна и на буџетите за 2025 година за новоформираните министерства, особено во делот со вработувања и договорни услуги
„Посебно внимание сакам да се посвети на новите министерства, четири. Анализата и збировите покажуваат дека новите министерства добиваат поголем буџет во споредба со тие кога беа како фунцкии во рамките на старите министерства. Ова ќе ги направи ли поефикасни да ве прашам? Ова е класична операција за зголемување на можностите за вработување на партиските кадри и ништо повеќе од тоа. Кај договорни услуги состојбата е уште полоша. Министерке, зошто растат договорните услуги во Министерството за односи помеѓу заедниците, министерство кое го исмевавте? Растат од 11,7 милиони денари во 2024 на 27 милиони денари во 2025? Какви трансфери до невладини организации се планираат од ова Министерство во висина од 10 милиони денари? Ова ли е нов начин на испумпување на пари од државната каса?“ праша Филипче.