Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на отворањето на 32. програмски конгрес на партијата порача дека целта на собирот не е само усвојување нова идеолошка платформа, туку преиспитување на политичката улога на СДСМ и враќање кон основните вредности на социјалдемократијата. Конгресот беше најавен како програмски собир на кој треба да се разгледаат новата идеолошка платформа и програмската рамка на партијата.
„Целта на овој Конгрес не е да биде само свечено усвојување на нова идеолошка платформа. Тој мора да биде враќање на СДСМ кон суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла“, рече Филипче.
Во обраќањето тој го поврза конгресот со актуелниот европски моментум по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, оценувајќи дека проширувањето повторно добива политичка тежина, а земјите од регионот се дел од иднината на Европската Унија.
„Уште еднаш слушнавме дека за Македонија усвојувањето на уставните измени останува единствениот услов за формално отворање на следната фаза од преговорите“, посочи Филипче.
Тој оцени дека конгресот е поврзан и со „Скопската иницијатива“ и со повикот за обединување на прогресивните сили против национализмот, популизмот, авторитарноста и корупцијата. Според него, СДСМ треба повторно да се позиционира како партија што ја брани социјалната правда, трудот и институциите.
„Денес сме собрани не само за да изгласаме документ. Туку да одлучиме дали СДСМ ќе стане тоа што отсекогаш требало да биде: совест на државата, глас на трудот, заштита на понижениот човек и политичка храброст во моменти кога таа е најпотребна“, рече Филипче.
Во говорот, тој го нарече конгресот „прв конгрес на новата одговорност“, нагласувајќи дека партијата треба да ја погледне сопствената историја без фалби, да ги признае грешките и да ја обнови довербата без „лажна патетика“.
„Има моменти во историјата на една партија кога не се менува само програмата, туку се преиспитува основата. А ние денес сме должни токму тоа да го направиме: да ја погледнеме сопствената историја без фалбаџиство, да ги признаеме грешките без страв и да ја обновиме вербата без лажна патетика“, порача Филипче.
Тој во обраќањето ја дефинираше социјалдемократијата како политичка идеја што почнува од заштитата на послабите, еднаквите шанси, правилата во економијата и одговорноста на државата кон обичниот човек.
„Социјалдемократијата е длабоко човечка идеја. Таа почнува од едно едноставно, но големо убедување: дека државата не постои за силните да станат уште посилни, туку за послабите да не останат сами“, рече Филипче.
Според него, вистинската мерка за една држава не е во политичките говори, туку во платите, здравството, образованието, достоинството на пензионерите, сигурноста на работниците и шансата младите да останат во земјата.
„Вистинската социјалдемократија не ја мери државата по висината на говорницата, туку по висината на платата, по правото на лекување, по квалитетот на училиштето, по достоинството на пензионерот, по сигурноста на работникот, по шансата на младиот човек да остане дома не од инает, туку од надеж“, порача Филипче.
