Филипче: Мицкоски генерира хаос и обвинува други

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за наводни сценарија за дестабилизација се политички маневар без покритие и обид одговорноста за состојбите во државата да се префрли на опозицијата. „Премиерот подолг период тврди дека јас, заедно со други, подготвувам хаос. Тоа апсолутно не е вистина. Ако навистина имало такви намери, досега ќе се случела дестабилизација,“ рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во седиштето на партијата.

Според него, изјавите од Владата се резултат на „немање капацитет за управување и отсуство на резултати“. „Премиерот нема со што да се пофали. Економијата трпи во повеќе сектори, евроинтеграциите се заглавени, а општеството се враќа во поделби и меѓунационални тензии како последица на политиките што ги води оваа власт. Нема напредок ниту во образованието, ниту во земјоделството; многу добри мерки се стопирани,“ изјави тој.

Филипче нагласи дека СДСМ не подготвува, ниту размислува за било какво сценарио за дестабилизација. „Нашиот фокус е јасен: ќе се бориме со сите демократски механизми и инструменти против оваа политика што ја сметаме за штетна. Наместо конспирации, нудиме транспарентен политички натпревар и конкретни решенија,“ додаде претседателот на СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен