Насилниот упад во студиото на „Инфомакс“ доби и директна политичка димензија. Пратеникот и поранешен министер за здравство Венко Филипче јавно изјави дека лицето кое во живо ја прекина емисијата и ги нападна новинарите е член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението на МВР, полицијата веднаш по пријавата го уапсила Г.С. (43) од Скопје. Тој влегол во редакцијата на „Инфомакс“ на улица „Востаничка“ додека се емитувала програма во живо, оштетил две врати и го попречувал емитувањето на емисијата во која гостувал поранешниот градоначалник на Скопје, а во студиото биле присутни водител и снимател. Подоцна било утврдено дека осомничениот е лице со здравствени проблеми, кое претходно било лекувано во психијатриската болница во Бардовци.
Филипче, повикувајќи се на партиски информации, тврди дека зад ова лице стои партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ и дека, како што вели, владејачката партија создава атмосфера во која ваквите напади врз новинари стануваат „очекуван епилог“, наместо исклучок. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, инцидентот го осудија и тврдат дека не стојат зад насилството, сугерирајќи дека Филипче се обидува политички да го капитализира нападот.
МВР најавува кривична пријава против Г.С. по забрзана постапка, а новинарските здруженија повторно потсетуваат дека нападите врз медиумски работници се кривично дело и дека државата има обврска да обезбеди безбеден амбиент за работа на новинарите, независно од уредувачката политика на медиумот.