Филипче: Народот има право да знае кој е планот за ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во дел од обраќањето на програмскиот конгрес на партијата порача дека СДСМ од денес мора да изгради посилен и поорганизиран притисок врз власта во три клучни насоки: европскиот процес, економско-социјалната алтернатива и мобилизацијата на прогресивната јавност.

„СДСМ од овој ден натаму мора да изврши силен, континуиран и одговорен притисок врз власта во три насоки“, порача Филипче.

Како прва задача, тој го посочи барањето за јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со Европската Унија. Според Филипче, тој план мора да содржи рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет.

„Доста беа збунувачки изјави и маркетинг фотографии. Народот има право да знае што е планот, кој е следниот чекор и кој ќе одговара ако Македонија повторно остане во чекалната“, рече Филипче.

Во вториот дел од пораката, тој оцени дека СДСМ мора да понуди социјалдемократска алтернатива на, како што рече, економскиот и институционалниот застој. Филипче ги наведе заштитата на трудот, растот на платите, борбата против скапотијата, праведното оданочување, силните антикорупциски механизми, департизацијата на институциите и новиот социјален договор за младите како основни точки на таа алтернатива.

„Не смееме да ја препуштиме темата за иднината само на геополитиката. Иднината мора да се преточи во семеен буџет, во пониски сметки за струја, во безбедно работно место, во достапен стан, во преглед на лекар без врски и понижување“, порача Филипче.

Тој нагласи дека европската перспектива не смее да остане апстрактна политичка тема, туку мора да се почувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Според него, иднината на земјата треба да се мери преку животниот стандард, институционалната сигурност и пристапот до основни услуги.

Како трета насока, Филипче ја посочи потребата од мобилизација на пошироката прогресивна јавност. Тој рече дека СДСМ не треба да се обраќа само до своето членство, туку и до синдикатите, граѓанскиот сектор, професионалците, младите, жените и стопанствениците што бараат јасни правила наместо партиска зависност.

„Европската и социјалдемократската борба денес не е партиска удобност. Таа е линија на одбрана на државата од лизгање кон заробен систем на национализам, клиентелизам и контролирана правда“, рече Филипче.

Во тој контекст, тој се осврна и на „Скопската иницијатива“, оценувајќи дека таа не е спореден политички настан, туку порака дека Балканот може да биде простор на прогресивна соработка, а не само регион на стравови и поделби.

„Скопската иницијатива не е спореден настан. Таа е порака дека Балканот не мора да биде заедница на стравови, туку може да биде простор на прогресивна соработка“, рече Филипче.

Според него, СДСМ добива поширока политичка задача да покаже дека во регионот сè уште постои сила што верува во демократија, солидарност, човечко достоинство и европскиот пат.

„СДСМ добива поширока историска задача: да покаже дека на Балканот сè уште има сила што верува во демократија, во солидарност, во човечко достоинство и во европскиот пат“, порача Филипче.

Најчитано