Венко Филипче е избран за нов лидер на СДСМ. Според резултати од денешните партики избори Филипче со убедлива разлика ги победи своите противкандидати Александар Бајдевски и Јован Деспотовски, додека единствената жена кандидат за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска на два дена пред денот на гласање се откажа од изборната трка.
Во обраќањето откако беа соопштени резултатите, Филипче истакна дека „СДСМ уште еднаш го демонстрираше својот демократски капацитет, кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам“.
Новоизбраниот претседател на СДСМ им се заблагодари на сите што учествуваа во спроведувањето на изборите како и на кандидатите што претендираа за лидерското место на партијата и истакна дека ќе ги исполни сите ветувања дадени за време на кампањата.
„Оваа победа за мене претставува огромна одговорност. Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот. Принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација со оние кои ќе ја обликуваат СДСМ со моето раководство. Сега е време за обнова на партијата и за многу работа за обнова и реформа после коишто СДСМ повторно ќе победува и ќе биде мотор за општествениот напредок“, нагласи Венко Филипче во обраќањето по изборот за нов претседател на СДСМ
Со денешните избори Филипче стана шестиот претседател на СДСМ, по Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев и Димитар Ковачевски.