Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во рамки на својата работна посета во Париз, порача дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат – активно, со резултати и со визија.
„Целта на посетата е да ги промовирам и бранам националниот интерес и позициите на Македонија“, изјави Филипче по средбите со француски политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското Собрание.
Тој најави дека е во финална фаза подготовката на Резолуцијата која ќе биде, како што рече, вин-вин решение за државата и граѓаните:
„Со оваа Резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите, доколку тие излегуваат од Преговарачката рамка.“
Филипче нагласи дека македонскиот јазик, културата и идентитетот веќе се заштитени во повеќе европски документи, но со резолуција со национален консензус овие позиции ќе бидат дополнително зацврстени и институционализирани:
„Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и реформите, како конечно одблокирање на европскиот пат.“
Првиот човек на СДСМ порача дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност:
„Македонија мора да продолжи по европскиот пат кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина за граѓаните.“