Филипче од Велес: Маја Хеско за урбан ред во Велес, нова сала, затворен базен и средено Езеро Младост!

Филипче за кандидатката за градоначалник на Велес, Маја Хеско нуди конкретни решенија за урбан ред во Велес

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Велес го истакна разочарувањето на граѓаните од владеењето на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, која четири години не успеала да реализира ниту еден капитален проект.

„Градот стагнира, проектите стојат, ветувањата останаа само на хартија. Нема донесен Генерален урбанистички план. Не е реконструирана зградата на Противпожарната служба, нема ниту нови возила – безбедноста на граѓаните е загрозена. Индустриската зона Мамутчево 2 не е проширена, не е инфраструктурно уредена – затоа нема нови фабрики, нема нови работни места”, рече д-р Филипче.

Тој додаде дека во Велес градоначалникот нема резултати бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е без визија и капацитет да го развива Велес, набројуваќи проблеми кои локалната власт ги оставила на велешани.

„Нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Езерото Младост е претворено во еколошка катастрофа.
И најиронично – сите овие неостварени проекти пак се ставени во нивната нова програма! Како да мислат дека народот има кратка меморија”, посочи Филипче.

Филипче потенцираше дека решението е во чесните и способни кандидати на СДСМ, давајќи поддршка на кандидатката за градоначалничка, Маја Хеско и советничката група.

„Маја Хеско како кандидатка за Градоначалничка и советничката група на СДСМ нудат конкретни проекти и решенија: нова урбанистичка регулација за справување со сообраќајниот хаос, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, изградба на затворен базен, модерна пречистителна станица за езерото Младост и целосно уредување на зелените површини и јавните простори“, порача д-р Филипче.

Лидерот на СДСМ рече дека на 19 октомври граѓаните ќе изберат тим кој ќе работи за Велес да биде модерен и европски град.

„Ова се луѓе кои знаат како да работат, кои имаат интегритет и резултати зад себе. Масовното излегување на изборите на 19 октомври ќе покаже дека граѓаните избираат тим што може да го врати животот во Велес и да го направи градот по европски стандарди, каде младите сакаат да останат“, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во Велес.

Зачлени се на нашиот е-билтен