Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, експресно ја отфрли можноста да учествува на лидерска средба што ја најави премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека повикот е политичко алиби за предвремени избори. „Средба со криминалци нема да има“, изјави Филипче, додавајќи дека СДСМ нема да биде „покритие“ за потезите на власта.
Во изјавите дадени на прес-конференција, Филипче тврди дека иницијативата за лидерска средба се врзува со сценарио во кое прво би се одело на избори, а потоа би се отворил простор за договори и финансиски задолжувања, вклучително и планови поврзани со прифаќање мигранти за пари, за што, како што рече, пишувале и британски медиуми. Во тој контекст, тој инсистира дека „техничката влада“ мора да остане како механизам за контрола пред избори, најавувајќи дека дополнително ќе ги образложи, според него, злоупотребите во правосудството.
Лидерската средба ја најави Мицкоски во интервју за ТВ „Алфа“, со порака дека во наредните денови ќе упати покани до лидерите на парламентарните партии и коалиции. Според неговите најави, на средбата би се разговарало за политички консензус околу реформски закони поврзани со европската интеграција, за избор на Народен правобранител и за можноста за укинување на техничката влада, но „исклучиво со согласност на сите релевантни политички чинители“.
По реакцијата на СДСМ, неизвесно е дали средбата воопшто ќе се одржи. Дел од медиумите јавуваат дека поканите сè уште не се испратени и дека шансите за реализација се намалуваат, бидејќи најголемата опозициска партија јавно соопшти дека нема да седне на маса ако темата е укинување на техничката влада.