Филипче: Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги повика сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на својот фб профил објави дека пратениците на СДСМ и Коалицијата утре, до Собранието ќе поднесат предлог за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“. Филипче ги повика сите пратеници без разлика на која партија и припаѓаат да ги поддржат иницијативите.

„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.

На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.

Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата на претседателот на СДСМ, Филипче.

На протестот „Маршот за ангелите“, кој се одржа на 15 ноември во Скопје сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, ги повика пратениците да помогнат во потрагата по вистината за трагедијата. Таа во име на семејствата на загинатите побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот.

„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да носи болка која е последица на ваков пропуст, негрижа или недејствување. Бараме да се утврди вистината, каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија, кој ја имал должноста да спречи, а не спречил. Бараме посебна анкетна комисија, затоа што имаме право сите на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска во говорот пред закондавниот дом.

Ѓорѓиеска рече дека Анкетната комисија е неопходна за проверка на постапувањето на сите институции од локално до централно ниво, да се утврди евентуална политичка или службена одговорност и да се подготват мерки кои ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш веќе никому нема да се случи.

„Ние не бараме сочувство, тоа за жал не ги враќа нашите најмили и не може да ни ја избрише болката. Бараме институционална вистина, фер постапка и гаранција дека ниту едно семејство нема да се разбуди во ноќта којашто ние ја преживеавме. Ваша должност е да ја заштитите јавноста и сите граѓани“,им порача Ѓорѓиеска на пратениците.

Зачлени се на нашиот е-билтен