„Слободата е повторно под закана. Денешниот скандал за влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во МТВ и спрегата помеѓу партијата и државниот сервис укажува на тоа дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се сменило“, реагира носителот на ИЕ4 од СДСМ, Венко Филипче.
Тој додаде дека според обемот на скандалот, не само што ништо не се сменило во ВМРО-ДПМНЕ, туку сега опозициската партија применува уште пострашна форма на пропаганда од најславните денови на Никола Груевски.
„Ако се спремни ова да го прават од опозиција, можеме само да замислиме што ќе се случува доколку граѓаните им ја дадат довербата на избори“, вели Филипче.
Тој додава дека слободата и демократијата, за жал, почнуваме да ги цениме откако ќе ги изгубиме, но без нив нема ни слободна економија, ни слободни компании, ни слободни работници, ни земјоделци.
„Слободата, а пред се медиумската слобода, е основа за развој и напредок на државата. И токму затоа не смееме да дозволиме да ги изгубиме“, потенцира Филипче.