Филипче: Со Мицкоски нема иднина, на Македонија и се потребни промени!(ВИДЕО)

Оваа Влада е историски најлоша влада од независната до денеска и тоа се виде само за една и пол година, рече Филипче

„Мицкоски има апсолутна власт, централна, локална се е под негова контрола, а покажува историска неодговорност. Оваа Влада е историски најлоша влада од независната до денеска и тоа се виде само за една и пол година. Влада без ниту едно реализирано ветување, без план, без резултат. Влада на порази и понижувања,“ истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на вечерашниот митинг во Крива Паланка.

Филипче остро ја критикуваше политиката на премиерот, потсетувајќи дека сите негови големи ветувања останале само празни зборови во ушите на граѓаните.

„Каде е „нова иднина“ што ја ветуваше Мицкоски пред четири години или пред година ипол? Каде се поголемите плати, економскиот тигар, каде е редот, правдата? Ништо нема од неговите ветувања. Каде се подобрите позиции, новата преговарачка рамка, гордоста, достоинството? Дали историски највисоките цени се „новата иднина“? Или најниската минимална плата, пониска дури и од соседна Албанија, е „новата иднина“? Дали инфлацијата, сиромаштијата и задолжувањата до седмо колено се „новата иднина“? Дали најниските капитални инвестиции и запрените странски инвестиции се новата иднина? Или уништеното земјоделство со родот кој скапува по нивните се иднината што ја ветуваше? Дали заглавениот европски пат е новата иднина? Не почитувани. Со Мицкоски немаме иднина!“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ исто така истакна дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја киднапирале кампањата, сеејќи поделби, напаѓајќи го СДСМ и оцрнувајќи го претседателот на партијата Венко Филипче затоа што немаат ниту еден резултат зад себе.

„Нема ниту еден резултат да излезе пред граѓаните и да го соопшти. И нема поголемо признание за катастрофалните политики на оваа Власт од неговото однесување за време на оваа кампања“, порача Филипче.

Притоа тој рече дека Македонија има потреба од промени, стабилност и вистинска визија за иднината и тоа е барање на граѓаните.

„На Македонија ѝ се потребни промени. На Македонија ѝ треба правда, ред, почит и сигурна иднина. На македонските работници им се потребни достоинствени плати за нормален живот, на младите нова шанса, на пензионерите мирна старост, а на земјоделците фер откуп и ценење на нивниот труд,“ порача Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен