Филипче: Спроведување на електронски попис ќе биде предизвик, над 25 отсто од населението нема да биде регистрирано таму каде што вистински живее

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче за предлогот на премиерот Христијан Мицкоски идната година електронски да се попишат македонските граѓани рече дека ќе биде првиот предизвик затоа што нема да има вистинска мапа на населението, бидејќи луѓето нема да бидат регистрирани таму каде што вистински живеат, туку по личната карта која што во многу случаи е на друго место. И вториот предизвик за спроведуањето на електронскиот попис е тоа што ја нема националноста во ниту една електронска база.

Филипче посочи дека над 25 отсто од населението се води на друга адреса од онаа која што е заведена во нивната лична карта, што според Филипче, ќе биде предизвик за спроведување на електронски попис. Неговото искуството од пописот спроведен од Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, говори дека и кога се вкрстуваат податоците со базите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОМ) и Управата за јавни приходи (УЈП) графата за националност ја нема.

„И кога се вкрстуваат податоците со базите на ФЗО, ПИОМ, УЈП со цел да тие податоци се проверат од направениот попис, како што во наше време за време на пописот се вкрстини податоците од шест електронски бази за да се провери каде е работното место, име, презиме и така натаму, ја нема графата за националност. Тие две работи сметам дека се сериозен предизвик кога станува збор за тоа дали да се прави или не електронски попис“, рече Филипче.

Во врска со промената на изборниот модел, лидерот на Социјалдемократите посочи дека ставот на СДСМ е било какви промени на изборниот модел во насока на една изборна единици и отворени листи треба да се донесе со консензус.

„Нашиот став e да седнеме и да разговараме за да се смени изборниот модел и да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Поради тоа што различни се аспектите и мислењата на поголемите и помалите политички партии кога станува збор за една изборна единица. Двете страни имаат свои легитимни аргументи, помалите партии имаат легитимни аргументи кои што секако дека треба да се слушнат на масата. Тоа што посебно сметам дека е добро и за којшто сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени и конечно да се гласа за секој еден на листата, без разлика на кое место е на листата, и така ќе дадаме можност вистински и квалитетни луѓе бидат препознаени од граѓаните, од нивните сограѓани и ќе влезат на соответните места. Ова може да биде нешто кое што може да го разговараме за следниот циклус парламентарни избори“, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен