Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција повторно ја отвори темата за наводните тајни преговори меѓу Владата и Велика Британија за модел со кој депортирани мигранти од ОК би се преселувале и трајно интегрирале во Северна Македонија. Тој предупреди дека зад овој процес, според него, се крие ризик од создавање „мигрантска гласачка машинерија“ во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче потсети дека СДСМ, како што рече, уште пред неколку месеци ја алармирала јавноста дека најголемата опасност поврзана со мигрантското прашање не се самите мигранти, туку „владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините тајни преговори, разговори и договори зад грбот на граѓаните“. Наместо одговори, според него, уследила политичка офанзива.
„Наместо да дадат јасни и конкретни одговори, власта тргна во црна кампања против СДСМ. Кога првпат ги споменавме нивните тајни договори – кои подоцна беа потврдени во странските медиуми – веднаш скокнаа т.н. патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Не обвинија дека лажеме, па потоа осмислија лични напади и кампањи против мене и други актуелни и поранешни функционери“, изјави Филипче, додавајќи дека кога тоа не дало резултат, „само ја засилиле таа кампања“.
Повод за новото обраќање се најновите написи во британските медиуми, меѓу кои „Тајмс“ и други весници, кои објавија дека Лондон води формални разговори со Скопје за воспоставување т.н. „повратни центри“ за одбиени баратели на азил. Според тие информации, Велика Британија би ѝ плаќала на Северна Македонија до 20.000 фунти по секој депортиран мигрант, со можност тие лица да се вклучат на локалниот пазар на труд, особено во секторите со недостиг на работна сила, како градежништвото, и да добијат долгорочно живеалиште во земјата.
„Од британските медиуми дознаваме дека станува збор за разговори во кои се разгледува интеграција на мигрантите во македонското општество, нивно вклучување на пазарот на труд, особено во градежништвото, како и долгорочно населување во нашата држава. Дополнително, се објавуваат и детали дека Велика Британија планира да ѝ исплаќа на Македонија по 20.000 фунти, односно околу 20.000 евра по депортиран мигрант, согласно новиот модел за таканаречени повратни центри“, рече Филипче, нагласувајќи дека сите овие податоци граѓаните ги слушаат од странски, а не од домашни официјални извори.
Тој оцени дека е „скандалозно и недозволиво“ за толку чувствително прашање Владата да молчи. „Замислете – македонските граѓани ова го дознаваат од странски медиуми, додека Владата молчи. Ова е апсолутно недозволиво. Ова е скандал од невидени размери“, порача претседателот на СДСМ.
Во поширокиот контекст, Велика Британија бара партнери за т.н. „return hubs“ – трети земји во кои би се испраќале одбиени баратели на азил, со цел да се намалат илегалните преминувања преку Ла Манш. Планот предвидува финансиски пакет и инвестиции за земјите-домаќини, како дел од стратегијата за борба против нерегуларната миграција.

