Филипче: Владата нема план, а граѓаните веќе ја плаќаат кризата

Владата нема план, нема визија и две години не носи реална корист за граѓаните, оцени лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во „Топ Тема“ на Телма, обвинувајќи дека земјата е изолирана, без нови крупни проекти и без јасен одговор на економската и регионалната неизвесност. Според него, половина мандат е веќе поминат, а граѓаните не виделе ниту еден голем и значаен проект, освен оние што, како што рече, биле почнати во времето на владата на СДСМ.

Филипче предупреди дека Македонија ризикува дополнително да заостане и на европски план, особено ако приоритетите во Европската Унија се сменат и ако Албанија стане земја членка пред нас. Во таа насока, тој ја обвини Владата дека не презема ништо суштинско за да ја подобри позицијата на државата и дека наместо стратегија, нуди политичко чекање во време кога прозорецот за напредок може да се стесни.

Во изјавата, тој остро ја критикуваше и реакцијата на Владата на растот на цените поради кризата и војната во Иран. Според Филипче, мерките биле задоцнети и недоволни, иако, како што рече, уште порано било јасно дека поскапувањето на нафтата ќе повлече раст и на другите производи. Тој тврдеше дека токму тоа и се случило, па покрај горивата поскапеле и прехранбените производи, меѓу нив месото, млекото, овошјето, зеленчукот, зејтинот и јајцата.

Филипче оцени дека Владата практично донела само една мерка, која не била доволна за да го ограничи ценовниот удар. Дополнително, според него, со најавата за промени поврзани со ДДВ цената на дизелот уште повеќе пораснала, наместо да се амортизира шокот. Тој порача дека целта требало да биде навремено ограничување на цената на горивата за граѓаните да не го почувствуваат ударот врз стандардот и за да не се прелее поскапувањето врз целата потрошувачка кошничка.

Зачлени се на нашиот е-билтен