За претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат Законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани, е вистинско разочарување, бидејќи тоа беше можност за одговороност и зрелост а не за политички инает.
„Од првиот ден по трагедијата во Кочани, СДСМ се однесува со целосна почит, сочувство и одговорност за семејствата на загинатите и повредените. Не ловевме политички поени, не обвинувавме и дадовме целосна поддршка за институциите да ја завршат работата. Го ставивме страдањето на нашите сограѓани над политиката. Покажавме емпатија и конструктивност – и како партија, и како поединци. Во тој дух поднесовме закон со кој се обезбедува финансиска помош за семејствата на загинатите и повредените. Без никакави политички намери, со јасна цел – да им помогнеме на оние што изгубија најмногу“, рече Филипче.
Филипче истакна дека не може да најде разумно објаснување за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на денешната собраниска седница да не го подржаат предлог законот на СДСМ да се најде на дневен ред.
„Не станува збор за политика, туку за човечност, морал и совест кои очигледно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги немаат. Државата мора да покаже дека стои зад своите граѓани кога е најмногу потребно. Ова не беше момент за политички инает, туку за заедничка грижа. СДСМ ќе продолжи да се бори за вистински вредности и да нуди и дава поддршка таму каде што најмногу треба“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.