Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филипче: Зошто граѓаните да плаќаат за каматите на кредитите што Владата ќе им ги одобри на компаниите?

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија изразува сериозна загриженост поради одлуката на Владата граѓаните да ги плаќаат каматите за кредитите кои ќе се пласираат на компаниите. На денешната прес конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче остро се спротистави на оваа идеја. За претседателот Филипче неправедно е каматите и банкарските трошоци за овие кредити да бидат на грбот на граѓаните а компаниите да заработуваат.

„Зошто граѓаните треба да бидат тие кои ќе ги плаќаат каматите за кредити што немаат директна врска со подобрување на нивниот квалитет на живот? Ова е сериозно прашање за транспарентноста и правичноста во трошењето на јавните средства“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Според него, ваквата постапка воведува нови долгови и трошоци за граѓаните.

Филипче истакна дека овој потег ја потврдува политиката на нови задолжувања која ја спроведува Владата, без вистински развојни проекти и без план за реален економски напредок. „Со ваков буџет и со вакви задолжувања, оваа Влада само ќе ги оптовари граѓаните за следните генерации, без да обезбеди одржлив развој“, нагласи Филипче.

Дополнително, Филипче ја критикуваше и проекцијата за буџетски дефицит од 4%, кој го надминува законски дозволениот максимум од 3%. Ова покажува дека Владата е подготвена да ги прекрши и најосновните буџетски правила, само за да обезбеди средства за свои активности, без долгогодишна стратегија и одговорност кон граѓаните.

„Во време кога образованието, здравството и поддршката за земјоделците се на минимум, овие средства би можеле да се искористат многу подобро – за вистински приоритети на граѓаните и за подобрување на јавните услуги“, додаде Филипче.

СДСМ останува на ставот дека ваквата политика на задолжувања е неодржлива и неефективна и дека Владата треба да преиспита на кој начин се трошат парите на граѓаните. „Ќе се залагаме за промени во буџетот со кои јавните средства ќе бидат насочени кон реални потреби и интереси на граѓаните, наместо кон нови долгови и контроверзни зделки“, заклучи Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен