Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филков тврди дека Лога кога заминал од кабинетот си ги зел и документите со препораки од Оценската мисија на ЕУ


Пред да замине од функцијата, ексминистерот за правда Кренар Лога, од кабинетот во Министерството со себе го земал документот со препораки на Судскиот совет изработен од Оценската мисија на Европската комисија изјави актуелниот министер за правда Игор Филков, додавајќи дека во тек е постапка за случајот и оти ќе се бара одговорност. Вели дека и покрај тоа што документот е класифициран, тој бил земен од неговиот претходник, а Министерството за правда повеќе не располага со него.

-Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото. Голем предизвик во реализација на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценската мисија на Европската комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, истиот бил земен од мојот претходник, заради што Министерството не располага со истиот, изјави Филков.

Министерот додаде дека како резултат на тоа, во Правда биле принудени да се ослонат на електронски верзии на дел од документот што ги содржи исклучиво препораките, без соодветните образложенија за истите и официјалниот допис на Европската комисија.

Рече дека функцијата ја презел без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација.

Зачлени се на нашиот е-билтен