Завршницата на Куп на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ вечерва (15 февруари) ја добива кулминацијата со финалниот натпревар во Куманово, закажан со почеток во 19:00 часот, каде домаќинот ќе се обиде да испише нова страница, а актуелниот освојувач да ја продолжи серијата.
Патот до финалето им донесе различна тежина на двете екипи. Тимот од Аеродром до мечот за трофејот мина без поголеми проблеми, откако ги доби дуелите против Работнички и Кожув. Куманово, пак, до финалната вечер стигна преку Пелистер и ТФТ, во два натпревари со висок интензитет, по кои влегува во последниот меч со повеќе потрошена енергија, но и со домашна поддршка што се очекува да ја наполни салата.
За МЗТ ова е можност да стигне до 14. куп-трофеј, а воедно и да ја продолжи доминацијата со четврта титула по ред, со што би се израмнил со серијата што Работнички ја имаше во периодот 2003–2006. Куманово брка прв пехар во Купот, а во оваа завршница влегува и со амбицијата искуството на Марин Докузовски да ја претвори финалната вечер во историски момент за градот и клубот.
Финалниот турнир сезонава се играше во Куманово од 13 до 15 февруари, а вечерва ќе биде познат новиот освојувач на националниот куп.