Финансиска криза во Русија: предупредувања до Владимир Путин за летото 2026

Путин
By Dmitry Medvedev – http://www.medvedev2008.ru/downloads/7.jpg, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=5387766

Во московските институции што ја држат касата на државата, последниве недели расте нервозата дека финансискиот притисок може да прерасне во криза уште до летото 2026. Според извештаи што се повикуваат на лица запознаени со разговорите во врвот, во Кремљ сè почесто се отвора сценарио во кое комбинацијата од пад на приходите, тврдата монетарна политика и воените трошоци ќе го стегне системот до точка на прекин.

Клучниот аларм е на страната на приходите: нафтата и натаму е главната „цевка“ во буџетот, но попустите што Москва ги дава за да продава под санкциски режим и турбуленциите на глобалниот пазар директно ја сечат фискалната основа. Во истиот пакет влегува и предупредувањето дека буџетскиот дефицит може да отстапи значајно од официјалните цели во 2026 година, токму поради послаби нафтени приходи и повисока потрошувачка.

Притисокот не завршува кај државната каса. Високите каматни стапки, воведени за да се гаси инфлацијата и да се стабилизира рубљата, создаваат тивка ерозија низ реалната економија: поскапи кредити, намалена потрошувачка, компании што почнуваат да кратат часови, платен фонд или инвестиции. Тоа потоа се прелева во банкарскиот сектор како ризик од „неплаќања“ – моментот кога граѓани и фирми престануваат да ги сервисираат обврските, а банките остануваат со растечки лоши пласмани и со потреба од дополнителна ликвидност. Овој ризик веќе е артикулиран како реална можност во повеќе западни анализи што се повикуваат на руски извори и интерни проценки.

Во ваква математика, војната станува финансиски проблем што тешко се „одврзува“ без политичка цена. Ако Кремљ попушти со трошењето, ризикува да ја ослаби мобилизациската машинерија и социјалните амортизери што ја чуваат внатрешната стабилност; ако продолжи со истото темпо, го забрзува празнењето на резервите и го зголемува ризикот од фискален шок. Извештаите посочуваат дека и државниот суверен фонд се користи како тампон, но дека неговата улога не може бесконечно да ја покрива дупката доколку приходите продолжат да се стеснуваат.

Дополнителен слој е надворешниот притисок. Европската комисија најави нов пакет санкции што, меѓу другото, ја таргетира и „сенка“ инфраструктурата за трговија со руска нафта и финансиски услуги – потег кој, ако се усвои и спроведе широко, може уште повеќе да ја поскапи логистиката и финансирањето на извозот. Во меѓувреме, и од руската централна банка доаѓаат сигнали дека извозната слика останува „предизвикувачка“ и во првиот квартал од 2026, што е индиректна потврда дека проблемот не е краткорочен, туку структурен во рамки на санкциски и воен режим.

Во јавната комуникација, Кремљ и натаму ја турка тезата за „издржливост“ и „адаптација“, но ваквите предупредувања – дури и кога се пренесени преку анонимни извори – ја нагризуваат сликата дека системот е под контрола. Особено затоа што не станува збор за еден индикатор, туку за спој на неколку: потесни приходи, високи трошоци, тврд кредитен режим, ризик од неплаќања и потенцијално затегнување на санкциите. Во тој спој, „летото“ не е календар, туку рок што го става буџетот под тест токму во момент кога политичката логика бара континуитет, а економската логика бара рез.

Зачлени се на нашиот е-билтен