Финансиска метропола која плива во пари: Секој 22-ри жител е милионер, а веднаш зад нив е Сан Франциско

Њујорк и оваа година е прогласен за најбогат град во светот, според извештајот на Henley & Partners за 2025 година.

Според податоците, дури еден од 22 жители на Њујорк е милионер, што дополнително ја зацврстува позицијата на овој град како светска финансиска престолнина.

Иако бројот на милијардери во Њујорк падна – од 500 на 384 – бројот на милионери се зголеми. Оваа промена укажува на распространета прераспределба на богатството, при што богатата средна класа забележува раст дури и кога ултра богатиот сегмент од населението забележува пад.

Соединетите Американски Држави ја задржаа својата доминација на листата на најбогати градови – 11 американски градови се меѓу 50-те најбогати. На второ место, веднаш зад Њујорк, е Сан Франциско и неговата околина (Беј област), додека на листата се и Лос Анџелес (5-то место), Чикаго (10-то место), Хјустон, Далас и Мајами.

Глобалната слика покажува дека финансиските центри како Лондон, Токио и Сингапур сè уште држат силни позиции, но и брзорастечките градови привлекуваат внимание.

Шенжен и Дубаи забележаа значително зголемување на бројот на милионери, благодарение на технолошкиот развој и имиграциските политики кои го поттикнуваат доаѓањето на богатите поединци.

Шенжен, некогаш рибарско село, денес е еден од светските лидери во електрониката и иновациите и се повеќе се позиционира како „Силиконската долина на Азија“. Дубаи, со своите даночни олеснувања и луксузни погодности, привлекува високо платени професионалци и претприемачи од целиот свет.

Овие промени покажуваат како се менува глобалното богатство, како се создава нова класа милионери и каде се движат парите во 2025 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен