Со сведочење на раководителката на одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката за онкологија, во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“. На обвинителна клупа се поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и економскиот директор Нехад Нухи, кои се товарат за незаконска набавка на лекови, фиктивни тендери и присвојување дел од терапијата.
Сведокот, која од 2018 до 2022 година ја водела финансиската, сметководствената и шалтерската служба, опиша дека во тој период била задолжена за контрола, координација и подготовка на финансиски и статистички извештаи, завршни сметки и редовна комуникација со Фондот за здравство, Министерството за здравство и Државниот завод за статистика. На прашање на Обвинителството дали и биле одземени ингеренциите, таа посочи дека од крајот на 2019 и почетокот на 2020 година била практично тргната од клучниот дел од работата.
По тринеделен ковид-карантин, вели, открила дека обврската за подготовка на налозите за плаќање кон добавувачите била префрлена на колешка, без писмено решение. Иако писмено реагирала и побарала да и се објасни промената, одговор не добила. „Бев комплетно тргната од таа работа“, изјави раководителката пред судот, опишувајќи го прекинот на довербата и променетиот однос во раководството на Клиниката.
Во своето сведочење таа се задржа и на соработката со обвинетиот Васев. До почетокот на пандемијата, Клиниката, според неа, немала никакви долгови, а комуникацијата била коректна. Но, непосредно пред да се разболи, забележала дека Васев станал резервиран и дека не го прифаќал „строгото пресметување“ за плаќање кон добавувачите, иако тоа, како што нагласи, било единствениот исправен начин за да се избегнат нови обврски. И по промените, таа продолжила да доставува финансиски извештаи до Министерството и Фондот, вклучително и податоци за приходите и за пациентите без осигурување или со странско државјанство.
Клучен дел од сведочењето се однесува на долговите и тужбите против Клиниката. Како раководителка, имала обврска да поднесува месечни извештаи до Фондот за здравство и да алармира дека бројот на пациенти расте, а буџетот останува недоволен. На Васев му предложила писмено да побараат зголемување на буџетот, но ситуацијата, според неа, се влошувала. Таа потврди дека Клиниката се соочила со тужби од два економски оператори, од кои едниот барал наплата на неплатени фактури за периодот 2021/2022 година, со камата од околу еден милион евра. Поради ова, двете сметки на Клиниката завршиле во блокада.
Во текот на рочиштето, обвинителката Ана Гоговска Јакимовска најави дека до Судот ќе достави дополнителни материјални докази што сведокот ги предал денеска. Одбраната на Васев, пак, реагираше дека не постои записник за тоа како се прибавени овие документи и оценува дека може да станува збор за незаконски обезбедени докази, што, според адвокатот Вељо Кадиев, ќе биде посебно прашање за Судот во следната фаза.
Случајот „Онкологија 2“ се води паралелно со постапките за „Онкологија 1“, каде што обвиненијата опфаќаат и несоодветно лекување на пациенти и проневера на значителни средства од здравствениот буџет. Исходот од овој процес ќе биде тест не само за одговорноста на поранешното раководство на Клиниката, туку и за тоа како системот ги штити парите за лекување на онколошките пациенти.

