Клаузулата за заемна одбрана, запишана во член 42(7) од Договорот за Европската унија, мора да се „оживее“, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари 2026 година, нагласувајќи дека заемната одбрана „не е опција“, туку договорна обврска меѓу земјите-членки во случај на вооружена агресија.
Фон дер Лајен ја врами пораката во новата безбедносна реалност во Европа, во која, според неа, континентот не може и натаму да се однесува како одбраната да е туѓа задача. Таа оцени дека Европа, која со децении се потпираше на САД, мора да „забрза“ и да ги преземе сопствените одговорности, особено во период на зголемени закани и неизвесности околу долгорочната стабилност на трансатлантските гаранции.
Клаузулата 42(7) предвидува дека ако една земја-членка е жртва на вооружена агресија на својата територија, другите членки имаат обврска да ѝ пружат помош и поддршка „со сите средства што се во нивна моќ“, при што тоа треба да биде усогласено со обврските во НАТО за земјите кои се членки и на Алијансата. Досега, клаузулата е активирана само еднаш – од Франција по терористичките напади во Париз во 2015 година.
Во говорот, претседателката на ЕК повика Европската унија да изгради „европски столб“ на стратешки способности, со акцент на области што денес се клучни за современо одвраќање и одбрана: вселенски капацитети, разузнавање и способности за дејствување на поголема далечина. Паралелно, таа најави потреба од поширока европска безбедносна стратегија што ќе ги вклучи и „невоените“ алатки на Унијата – од трговија и финансии, до стандарди, податоци, критична инфраструктура, технолошки платформи и информации – како дел од пакетот за заштита на европската територија, економија и демократија.
Фон дер Лајен се осврна и на односите со Велика Британија, со порака дека во нестабилна средина Европа и Лондон имаат заеднички интерес да ја продлабочат безбедносната и политичката координација, посочувајќи дека, и една деценија по Брегзит, меѓузависноста останува силна и практична.