Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен потврди дека Брисел ќе продолжи со деблокирање на средствата за закрепнување од коронавирусот за Полска. Парите беа задржани поради спор меѓу ЕУ и поранешната влада на земјата.
Фон дер Лајен соопшти дека следната недела ќе има две одлуки за фондовите на Европската Унија за Полска со кои ќе се одмрзне вкупен износ до 137 милијарди евра.
Добивањето пристап до финансирањето ќе обезбеди драматичен инвестициски поттик за економијата на Полска, која е потресена од влијанието на војната во соседна Украина.
Имам добри вести, изјави претседателката на Европската комисија на прес-конференција во Варшава. – Следната недела колеџот ќе излезе со две одлуки за европските фондови кои во моментов се блокирани за Полска, истакна таа.
Очекуваната позитивна одлука значи дека Варшава ќе може да искористи 60 милијарди евра наменети за економијата да се опорави од пандемијата на Ковид-19 и да се оддалечи од фосилните горива.
Полска, исто така, ќе може да пристапи до околу 76,5 милијарди евра во кохезиски фондови со кои се помага подигнувањето на животниот стандард во посиромашните членки на Европската Унија.
За возврат, проевропската влада на Доналд Туск ќе треба да ги отфрли политиките на претходната влада, која беше во спор со ЕУ околу судските реформи и интервенциите во државните медиуми.
Туск вети дека ќе ја смени политиката на претходната влада, но тој сè уште се соочува со силен отпор од сојузниците на сега опозициската партија Право и правда, вклучувајќи го и полскиот претседател Анджеј Дуда, кој треба да ги потпише новите закони.