Европа и САД ќе соработуваат за враќање на исчезнатите деца од Украина и за ублажување на нивната тешка положба, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Њујорк.
– Имавме конструктивна дискусија на маргините на Генералното собрание на ОН за агресијата на Русија врз Украина. Се договоривме за потребата од брзо намалување на приходите на Русија од фосилните горива – истакна Фон дер Лајен.
Таа потсети дека 19-тиот пакет санкции предложен од Европската комисија предвидува забрана на увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ и санкции за трговци со нафта и рафинерии во Русија и во трети земји. Целта е до 2027 година Европа да ја прекине употребата на руски фосилни горива.
– Исто така, разговаравме за провокациите на Кремљ, вклучително упадите во европскиот воздушен простор, кои претставуваат тест за нашиот одговор – додаде Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК истакна дека ЕУ го засилува своето источно крило за одбрана, за да делува како штит и за Европа и за НАТО. На средбата со Трамп било разговарано и за состојбата на Блискиот Исток, при што се согласија дека мора да се стави крај на страдањето на цивилите.
– Европа стои цврсто обединета зад решението за две држави – додаде Фон дер Лајен.