Фон дер Лајен на Балканот со внимателен оптимизам – Македонија заглавена од самата себе иако беше првенец

Европската комисија ја започна есенската офанзива кон Западен Балкан со турнеја на претседателката Урсула фон дер Лајен, која од Тирана, преку Тиват и Сараево, денес тивко пристигнува во Скопје, без заеднички пресконференции туку само билатерални средби.
Анализа на: Леон БАКРАЧЕСКИ


Формалната агенда е преполна со состаноци, а политичкиот контекст — со очекувања и нервоза од страна на премиерот и претседателката.

Вчера во Тирана, Фон дер Лајен промовираше пристап: прво инвестиции и пазар, потоа политика — најавувајќи дека приватни договори во подготовка и потпишување може да „отклучат“ уште 4 милијарди евра за регионот како дел од ЕУ-Планот за раст, врз еден веќе ветен пакет од 6 милијарди евра. Идејата е да се удвои економијата на Западен Балкан за една деценија, под услов реформите навистина да се случуваат, порача таа.


Скопје денес со специјален сообраќаен режим и затегнат протокол, во недела пред локални избори. Но и контра напад иако Лајен веќе од Тирана испрати пораки за планот на ЕУ за модернизација на Балканот. Овде вчера Мицкоски велеше дека има национална агенда, а претседатлката Давкова се занимаваше со протоколарни активности со словачкиот Претседател.

Но да се осврнеме на големата слика, европската судбина на регионот, и отрезнувачката слика за македонските граѓани.

Влеговме од првенци до приказна за различни брзини.

Албанија во 2025 отвори два нови кластери — „Конкурентност и инклузивен раст“ и „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ — и според European Western Balkans сега има отворено 24 од 33 поглавја, повеќе од Србија. Црна Гора, по позитивниот извештај за мерилата за за владеење на правото (IBAR за поглавја 23 и 24), повторно затвори поглавја по седум години пауза — сигнал дека се враќа во првата колона. Србија останува со 22 отворени поглавја и само две привремено затворени, со застој кој ЕУ го врзува и за внатрешни демократски прашања и за дијалогот со Косово. Босна и Херцеговина доби зелено светло да ги почне преговорите во март 2024, но реалниот старт е условен со уште чекори и договорена рамка — на хартија е пробиен мразот, во пракса реформите ќе ја одредат брзината.


Македонија останува парадокс на проширувањето: земја што ги заврши скрининзите, се усогласи со заедничката надворешна политика на ЕУ, но е заглавена пред првата капија поради уставните измени врзани за билатерален спор со Бугарија и неразбирливото инаетење на Мицкоски.


Европскиот парламент во јуни повика преговорите да се забрзаат „штом се исполнат договорените чекори“, но токму тие чекори се политички најтешки во Скопје.


За македонската јавност, турнејата неминовно отвора стара тема: како државата која „требаше да биде прва“ во редот се најде зад соседите?

Одговорот делумно лежи во годините на „заробена држава“ во ерата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, термин што Европската комисија експлицитно го употреби во извештаите 2015–2016, а кој влезе и во анализите на Freedom House и домашните институти. Тоа беа години на масовно прислушување, политизирани институции и застоена интеграција — долгови што денес се враќаат преку изгубено време и пониска преговарачка позиција.


Во ваков контекст, не е изненадувачки што Фон дер Лајен во регионот говори пред сè за пари, мрежи и пазар: ветените 6 милијарди од Планот за раст, плус новите 4 милијарди што треба да ги донесе приватниот сектор, се ставаат како морков за владеење на правото, медиумски плурализам и деполаризација. Од Тирана, тоновите се оптимистички; од Сараево и Белград, условни; од Приштина и Скопје — внимателни.


Во изборна недела во Северна Македонија, дипломатскиот профил природно се спушта, а симболиката останува: ЕК демонстрира присуство, но напредокот останува математиката на домашните реформи и европските услови.
Ако се погледне чисто техничкиот биланс, Албанија е во фаза на отворање кластери и збран капитал од европската сцена, Црна Гора повторно затвора поглавја, Србија стои во место и чека политичко одмрзнување, БиХ ја прескокна првата бариера, а Северна Македонија тропа на првиот прав праг од сопствен уставен дневен ред.


Тоа е контекстот во кој денес во Скопје ќе се одигра кратката сцена: протоколарни средби, без големи „јавни“ фрази — и многу ненајавена математика зад затворени врати.

Зачлени се на нашиот е-билтен