Фон дер Лајен, за средбата со Трамп за царините

Фон дер Лајен на средба со Трамп во обид за договор околу царините 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево во шкотското место Трнбери ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, во обид да биде постигнат трговски договор во пресрет на истекот на крајниот рок – 1 август за воведување на царини од 30 отсто за извозот на европски производи во САД. 

Најавувајќи ја средбата во објава на Икс, Фон дер Лајен наведе дека со Трамп ќе „разговараат за трансатлантските трговски односи и за тоа како тие може да се одржат силни“. 

Американската администрација веќе воведе царина од 50 отсто за увозот на челик и алуминиум од ЕУ, од 25 проценти за автомобили и автомобилски делови, како и основен данок од 10 отсто за поголемиот дел европски производи, со кои е опфатен околу 70 проценти од вкупниот извоз на Унијата во САД.  

Средбата се одржува во услови на зголемени надежи во ЕУ дека Европската комисија би можела да постигне договор со Вашингтон по примерот на оној постигнат претходно неделава меѓу САД и Јапонија за просечна царина од 15 отсто на извозот на јапонски стоки на американскиот пазар. 

ЕУ се надева дека, исто така, ќе постигне договор со САД за царинска стапка од 15 проценти, која би ја вклучувала и просечната царина од  4,8 отсто што ја плаќаат европските извозници на американскиот пазар уште од пред враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари годинава. 

Средбата доаѓа откако во четвртокот Европската комисија усвои пакет контрамерки на увозот на американски стоки во ЕУ, како одговор на најавената царина од САД од 30 отсто.  

Портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во четвртокот изјави дека фокусот на ЕУ е на постигнување на договор со САД за царините, а доколку тоа не се случи усвоените контрамерки ќе стапат во сила на 7 август. 

„Во тек секојдневно се интензивни контакти на техничко и политичко ниво за постигнување договор. Веруваме дека таков исход е остварлив и работиме напорно за да го постигнеме во интерес на граѓаните, компаниите и потрошувачите во ЕУ“, истакна Гил.  

Најавата на Фон дер Лајен за средба со Трамп уследи само неколку часа откако американскиот претседател изјави дека шансата за постигнување договор меѓу САД и ЕУ е 50-50. 

„Би рекол дека имаме 50-50 шанси да склучиме договор со ЕУ“, изјави Трамп во петокот пред заминувањето за Шкотска на средба со британскиот премиер Кир Стармер. 

Зачлени се на нашиот е-билтен